ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ петти ден се докажуваат кој е поголем виновник за куќниот притвор на Артан Груби

Не стивнуваат политичките реакции  за замената на ефективниот притвор со домашен на поранешниот  вицепремиер и висок функционер на ДУИ, Артан Груби кој повеќе од една година беше во бегство.

Според опозициската СДСМ премиерот Мицкоски не кажува како МВР и АНБ процениле дека Груби не е безбеден во „Шутка“ бидејќи било  строго доверливо, што според нив е театар и режирано сценарио. 

Од ВМРО-ДПМНЕ пак враќаат дека хистеријата и стравот од одговорност ги направи  опозиционерите заложници на криминалот. 

Според неофицијалните информациите на ТВ 24 од истрагата  дека на Груби му се заканува ликвидација од човек со криминален бекграунд , АНБ ја добило од надворешна служба пред повеќе од година, по што ја испратило до МВР , а тие по службен пат до ОЈО.

Три службени белешки кои по автоматизам од МВР стигнале до ОЈО  биле  клучниот аргумент за обвинителот Даниел Коцев да побара домашен притвор за екс вицепремиерот Артан Груби повикувајќи се на неговата загрозена безбедност во притвор.

Тој  во понеделникот се врати во Македонија по 14 месеци бегство од истрагата, според која е вмешан во проневера тешка осум милиони евра во Државната лотарија.