ВМРО-ДПМНЕ ги обвинува СДСМ и ДУИ за МЕПСО
Државната енергетска компанија МЕПСО доби нови членови на Надзорниот и Управниот одбор. За нов директор е назначен Бурим Љатифи, а за заменик директор Александар Пауноски.
Од Министерството за транспорт соопштија дека во петокот бил разрешен претходниот состав, а задача на новиот ќе биде да го консолидираат Акционерското друштво од наследените проблеми и да се справат со корупцијата.
- Со изборот на новите членови на Управниот и Надзорниот одбор, приоритет се дава на ефикасно управување на електропреносниот систем преку оптимален и оддржлив развој на компнијата се со цел задоволување на потребите од електрична енергија за крајните кросиници. - велат од Министерството за транспорт.
Непосредно по разрешувањето на надзорниот одбор, стотина вработени добиле бонуси односно награда во висина од 30% од платата.
Во меѓувреме случајот МЕПСО и денеска продолжува. Обвинувања пристигнаа од страна на ВМРО-ДПМНЕ кон претходната власт на СДСМ и ДУИ дека нивни високи функционери ја оштетиле државата за 14 милиони евра.
Реакцијата на владејачката партија доаѓа по неколкудневните обвинувања на СДСМ дека фирмата на министерката за енергетика Сања Божиновска не и платила на државната компанија МЕПСО долг од еден милион евра.
„СДС и ДУИ го користеа и МЕПСО и ЕСМ за правење на милионски бизниси. Од синот ма Муса Џафери, внуците на Али Ахмети Дрин и Бесијан, преку Зоран Заев, Вице Заев, Венко Филипче и Димитар Ковачевски, нема човек од раководството на овие две партии кои не влегоа во енергетскиот бизнис и не свртеа милиони во време на владата на СДС и ДУИ од 2017 до 2024. И во СДС и во ДУИ се свесни дека следува одговорност.“ - велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Oд СДСМ пак велат дека сето ова е обид на ВМРО-ДПМНЕ за дефокусирање од вистинскиот скандал со долгот од еден милион евра на Божиновска и кон МЕПСО преку нејзина фимра и велат очекуваат од неа и од Мицкоски да одговорат каде се парите.