ВМРО-ДПМНЕ апелира ДКСК и Обвинителството да отворат предмети за становите на Филипче
„Дали Венко Филипче криел имот и заборавил што пријавил во 2018 година? Колку уште имот криве Филипче? Ако се собере вредноста на недвижниот имот на Филипче од 2018 и 2024 година се доаѓа до сума од над 1,3 милиони евра“, вели Марија Митева, портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ
Ако се погледнат двата анкетни листови на лидерот на СДСМ Венко Филипче од 2018 и 2024 година, ќе се дојде до едноставен заклучок дека имотот што го поседува е стекнат пред 2018 година, но не го пријавил кога станал министер. Имотот, пак, што го пријавил во 2018 година не го пријавил сега, а не пријавил ниту остварени приходи од продажба. Ова го изјави денеска на прес-конференција Марија Митева, портпаролката, пратеничка и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, посочувајќи дека СДСМ и Филипче повеќе од 48 часа молчат за неговите пет стана во Скопје, кои по шест години откако стана функционер сега пријавува дека ги поседува.