Влатко Ѓорчев, Павле Трајанов, Солза Грчева ќе земаат над 100 илјади денари месечно да ја советуваат Владата
Влатко Ѓорчев е назначен за национален координатор за демографија, млади и човечки ресурис, на последната владина седница и Лилјана Затуроска е именувана за национален координатор, заедно со Верче Мицевска а претходно Павле Трајанов, Блерант Рамадани, Солза Грчева. Од СДСМ со реакција во која велат дека токму Влатко Ѓорчев, како пратеник беше против повисоки плати и пензии за сега да добие плата од 105.000 денари месечно или над 1 милион денари годишно.
„Додека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ велат дека нема пари за поголема минимална плата, нема пари за наставниците, за работниците, измислуваат функции за сместување на поранешни функционери и членови на ДПМНЕ. Малку им се министри, заменици, директори, раководители, па почнаа да си измислуваат позиции, како што е и предлог Законот за заменик на заменик директор на Царина. Невидено. Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ ветуваа намалување на функционерските места, а сега гледаме дека ги зголемуваат. Се што ветија, излажаа и тотално се однародија.“ - велат од СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ, за ТВ24 велат дека со програмата за работа на Владата се предвидува и отворање на научен институт за демографски истражувања, миграциска и популациска политика..
„Со програмата за работа на Владата, предвидува зголемување на мерките и поддршката за родителите, но и системска и сеопфатна програма за поддршка на лицата кои ќе се вратат од странство. Во изминатиот период од седум години, статистиката покажа пад на родени бебиња за 40%, огромно иселување, пад на бројот на ученици... Состојба која бара сериозен пристап, којшто изостанувал во минатото. Во таа насока, на една од минатите седници, Владата го именуваше Влатко Ѓорчев за Национален координатор за демографија, млади и човечки ресурси. Со програмата за работа на Владата се предвидува и отворање на научен институт за демографски истражувања, миграциска и популациска политика.“- велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Аналитичарот Петар Арсовски вели не е изненадување кога политичарите едно зборуваат во кампања а друго прават кога се на функција. И не е тајна дека партиите ги вдомуваат своите партиски активисти. И не се толку проблем платите на фукционерите но многу е поважно Владата да ги реши проблемите на граѓаните како што е примерот со автобусите, инвестициите во инфраструктурата и сето она што може да ја придвижи економијата.
Аналитичарите сметаат дека клиентелизмот е одраз на македонското општество и дека таквата пракса е клучната карика во разнишување на столбовите на една држава и токму таквиот клиентелизам допринесува кон зголемен криминал, корупција, нефункционални институции бидејќи се е сведено на подаништво а на моменти и до степен на градење на култ на личности само затоа што се стигнало до некаква позиција за која ќе плаќаат граѓаните.

