Властите се уште не знаат кога Македонија ќе ги добие вакцините што и ги вети Србија
Foto

Властите се уште не знаат кога Македонија ќе ги добие вакцините што и ги вети Србија

Здравствените власти се уште не знаат кога Македонија ќе ги добие вакцините што и ги вети Србија. Од министерството за здравство велат дека во тек се преговорите за увоз и пуштање на употреба на вакцините.

Сепак од Агенцијата за лекови велат дека и откако ќе пристигнат вакцините, им претстои процедура за контрола на безбедноста квалитетот и транспортот. Во Агенцијата досега не стигнало никакво барање за да можат да ги започнат овие процедури.

„Ние уште немаме добиено барање. Кај нас треба да стигне конкретно барање за која вакцина, ние се хармонизираме, ако зборуваме за Србија, ние им кажавме што нас ни треба за кај нас да помине, за да не губиме време. Додека доаѓаат вакцините, многу е битна пропратната документација - тоа се сертификатите за квалитет, ладниот ланец и ред други моменти кои што се многу битни сакаме на крај на денот кога ќе ја одобриме вакцината да сме сите сигурни дека одобруваме сигурна вакцина и пуштаме во промет.“ - изјави Љирим Шабани директор на Агенција за лекови и медицински средства.

Во Србија од денеска започна масовна вакцинација на населението - војската, полицијата и просветните работници ги примија вакцините против КОВИД во специјализираниот објект на белградскиот саем. До денеска во Србија се вакцинирани повеќе од 13 000 лица.

Македонија остана меѓу последните земји во регионот која се уште нема добиено вакцини против ковид. Откако Грција, Бугарија и Полска извисија за донациите кои што ги ветија, последна се понуди Србија да даде дел од нејзините количини за нашава земја.

Премиерот Заев во понеделникот изјави дека српскиот Претседател Вучиќ понудил 8.000 вакцини за Македонија. Освен од Србија, во текот на февруари според најавите на здравствените власти се очекува да пристигнат и првите 5.850 дози вакцини директно од компанијата Фајзер, а државава се уште ги чека и вакцините преку КОВАКС механизмот на Светската здравствена организација.

0 Коментари

Остави коментари