Власта со новата Европска комисија ќе работи на нови можни креативни решенија за деблокада на патот кон Европската Унија
Мицкоски очекува следниот период да се обликуваат можни решенија за деблокада на евроинтеграциите. По вчерашните тет а тет разговори во Брисел, со еврокомесарката за проширување Кос и претседателот на ЕС Кошта, премиерот вели дека не верува во тн. инстант решенија, а на 17 декември во пресрет на Самитот ЕУ-Западен Балкан, поворно ќе замине во Брисел на нова рунда разговори. Очекува поддршка од Манфред Вебер и матичната Европската Народна Партија.
- Поминувавме низ аргуметите, дебатиравме, даваме нови аргименти. Треба да имаме предвид дека се работи за комплетно нов состав на Европската Комисија, вчера им беше вториот работен ден. Голем дел од информациите што сега ги примаат за нив се практично нови информации. Врз основа на тие дискусии очекувам дополнително, во периодот којшто следува, да се развијат определени можни решенија. - Христијан Мицкоски премиер.
Новиот претседател на Европскиот Совет, Антонио Кошта, вчера на само два дена од стартот на неговиот 5 годишен мандат, имаше неформален состанок со лидерите од Западен Балкан, но и билатералка со секој поединчено, вклучувајки го и Мицкоски.
По вечерата, без многу детали - кратко порача..
- Иднината на Западен Балкан е во ЕУ. Ајде да работиме за да го оствариме тоа. Ова е пораката што ја испратив, заедно со Каја Калас и Марта Кос на денешната вечера со лидерите на Западен Балкан. - Антонио Кошта претседател на Европски Совет
Еврокомесарката за проширување Марта Кос, пак, која вчера исто така имаше тет а тет разговор со Мицкоски, во изминатиот месец два пати испрати директна порака за спроведување на уставните измени.
Изминатата недела, од делегацијата за Македонија во Европарламентот, порачаа дека интензивно ќе работат на деблокада. На прашање, за емисијата Европат - дали се возможни гаранции од Стразбур порачаа...
- Искрено не можете, но тоа што Бугарија и го прави на Македонија е ужасно. Се сеќавам, како Словенија и го правеше тоа на Хрватска и целата приказна за билатерални блокади, мислам дека е страшно токсична за ЕУ,јас сум еден од оние кои се залагаат за реформа на целиот начин на одлучување , би сакал да не може еден да блокира во однос на проширувањето, барем да најдете уште две, потоа блокирајте три, но сам да блокираш поради некое билатерално прашање, е страшно антиевропско однесување. - Гордан Босанац, член на Делегацијата за Македонија во Европарламентот ( Европат) ЕП од Хрватска.
Последните брифинзи од Брисел беа дека уставните измени со одложено дејство нема да поминат. Порачаа дека зад затворени врати се работи на креативно решение кое би било дел од веќе постоечката преговарачка рамка,но и дека Франција и Германија интензивно се залагаат за деблокада на процесот.