Власта отвора простор за приватни газди на државни фирми?!

Скандалозен е предлог законот со кој државата ќе ги приватизира државните фирми, тврдат експертите. Според Дамир Хајрединовиќ од „Инженери на Македонија“, со новите правила се намалува улогата на Собранието при носењето одлуки за иднината на големите државни компании. Тој смета дека со префрлањето на клучните одлуки кон Владата и надлежните министерства се намалува јавната и политичката контрола врз процесот. Дополнителен проблем, според него, е што институциите кои треба да одлучуваат за државниот капитал ќе имаат големо влијание и врз неговото вреднување. Токму во таквата поставеност Хајрединовиќ го гледа најголемиот ризик – можноста државни гиганти да станат предмет на зделки под услови што не би биле во интерес на државата.

Дамир Хајрединовиќ – Инженери на Македонија: „Ако го видите добро законот ќе видите дека сите членови од законот се кроени буквално за да се приватизираат три до четири гиганти претпријатија, како што е на пример ЕСМ, Пошти и слично. Тој дел е по мене најскандалозен и тука може да се скројат многу коруптивни шеми, бидејќи, ааа, може на пример министерот да каже на комисиското тело некој гигант како што е ЕСМ да го потценат сериозно поради неговите долгови. Дури мислам дека и огромен дел од јавните претпријатија се бутаат во долгови баш поради тоа што треба да се проценат пониско од што можат тие претпријатија да бидат проценети и потоа тие претпријатија да бидат приватизирани од страна на луѓе, тоест од страна на други фирми за некои прениски цени.“

Од Министерството за економија и труд ги отфрлаат ваквите стравувања и велат дека законот не е направен за распродажба на државниот имот. Според ресорот, целта е попрофесионално управување, поголема финансиска дисциплина и поодговорни раководства. Оттаму уверуваат дека секоја евентуална промена на државната сопственост ќе мора да биде оправдана и да помине низ законски правила и контролни механизми. 

„Дури и кога ќе се преиспитува оправданоста на државното учество, тоа ќе се прави врз основа на законски утврдени критериуми, а не по политичка одлука. Исто така, Законот воспоставува низа корпоративни надзорни механизми , надзорните одбори имаат обврска да обезбедат политики за управување со ризици, трансакциите со поврзани лица се регулирани со посебни правила и објавување, а за определени трансакции надвор од редовното работење е потребна согласност од надзорниот одбор. Со ова се отфрла тврдењето дека институциите за спречување злоупотреби се исклучени од системот.“

Новиот закон повторно го отвори прашањето – до каде треба да оди државата како сопственик на компании. Меѓу фирмите со сериозни финансиски проблеми се Железници, Пошта и ЕСМ, а за дел од нив и порано се споменуваше приватизација. Три децении по приватизацијата од 90-тите, останува дилемата дали новите правила ќе донесат подобро управување или ќе отворат пат дел од државните компании да ја сменат сопственоста.