Власта обвинува за заробено судство, а опозицијата за судство контролирано од власта
Осудените за несреќата кај Ласкарци, во која автобус на гостиварскиот превозник „Дурмо Турс“ излета од автопатот, а животот го загубија 16 лица, додека 30 беа повредени, излегуваат од затвор и ќе се бранат од слобода. Предметот оди на повторно судење по одлука на Врховниот суд. Во предметот за несреќата кај Ласкарци, Врховен оценил дека во постапката пред пониските судови имало процесни недостатоци.
Премиерот Христијан Мицкоски одлуката на Врховен ја поистоветуваше со Донкихотовата борба со ветерници. Според првиот човек на македонската Влада, тоа е резултат на рецидиви и остатоци од претходната Влада на СДСМ и ДУИ и, според него, тоа е последниот ресурс за заштита на луѓето кои беа дел од неа.
Со став се огласија и од политичката партија Левица. Оттаму за Телевизија 24 велат дека одлуките се во најмала рака сомнителни, а според опозициската партија, прашањето е дали овие предмети паѓаат случајно или некој одамна го усовршил начинот како правдата да се саботира, без никој формално да биде фатен дека ја саботира.
Од Социјалдемократскиот сојуз, пак, се на став дека обвинувањата на власта се тенденциозни и, како што велат, класична проекција на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму велат дека најдобар показател е тоа што Мицкоски, преку телефон, телевизија и собраниската говорница, нарачува истраги.
Инаку, според јавно достапните информации, Советот за казниви дела при Врховниот суд на Македонија, кој ја донел одлуката, е во состав: претседателот на Судот, Африм Фидани, известителот на предметот, Џемали Саити, Сафет Кадрии, Цветанка Периќ и Мирјана Лазарова-Трајковска, а покрај сопственикот на компанијата Дурмиш Белули, пресуди имаа и вработени во компанијата.

