Власта не размислува да ја зголеми старосната граница за пензионирање

Владата не размислува ниту да ја зголеми старосната граница за пензионирање, ниту ставката за придонеси за пензиско осигурување. Ова индиректно го потврди денеска и премиерот Христијан Мицкоски, кој на новинарско прашање дали ќе поскапат придонесите, рече дека Владата единствено размислува како да го усогласи македонското законодавство со глобалниот корпоративен данок, а се останато кое од Владата ќе биде донесено како одлука, јавноста ќе биде запозната. Претходно и владејачката ВМРО ДПМНЕ го отфрли предлогот на Фискалниот Совет во пензија да се оди со 67 години, за да се консолидира Пензискиот фонд. Оттаму во предлогот видоа политика.

„Тоа што не сфаќаме е како истите луѓе кои молчеа додека се ограбуваше државата, додека инфлацијата растеше вртоглаво, додека институциите ги распаѓаа или тие лично или нивните најблиски соработници, сега глумат душогрижници, дали мислат дека народот им верува? Лицемерието и дволичноста на СДС се добро познати на граѓаните. Во време на СДС имаше пад на економијата највисок во историјата, историски највисока инфлација, осиромашени граѓани, пад на индустриско производство најголем во историјата, додека земјите од регионот имаа раст од над 50 отсто на БДП по глава на жител во период 2017-2023 година, Македонија имаше едвај 20 отсто.“

Претходно, реагираше и опозицискиот СДСМ, кој ја обвини власта дела популистичките мерки, без никаква економска основа, сега треба да паднат на товар на сите граѓани.

„Овие најави совршено се надоврзуваат на основните принципи на функционирање на Владата на ДПМНЕ и Мицкоски: експлоатирањето на трудот на работниците без никакво најави за зголемување плати, накалемувањето нови долгови и камати за унгарскиот заем, кои граѓаните се приморани да ги плаќаат од свој џеб, давањето приоритет на интересите само на неколкутемина големци блиски со ДПМНЕ, сега се надополнети и со најавата за зголемување на старосната граница за заминување во пензија на 67 години.“

Според Костова, ваквата мерка дополнително ќе го дестимулира вработување на младите, кои уште повеќе ќе излезот ќе го гледаат надвор од границите на земјава. Завчера предлогот на Фискалниот совет го отфрлија и од Левица. Наспроти ова, првиот човек на Фискалниот совет Глигор Бишев тврди дека ако не се зголеми старосната граница за пензионирање на 67 години, неминовно ќе биде зголемување на ДДВ-то и другите даноци. Според него, состојбата во пензискиот фонд е неодржлива на долг рок, а од буџетот следната година кон него ќе се одлеат 850 милиони евра или половина од сумата за исплатата на пензиите. Овој предлог повторно ќе се најде пред пратениците и идната година, а предлогот е старосната граница за пензионирање на 67 години за мажи и за жени да се зголеми од 2026 година.