Власта на терен за коридорите, договорот со „Бехтел и Енка“ станува приоритет и за владата

Историски ден, реален почеток на работите и остварување на сон - вака власта денеска го оцени почетокот на изградбата на автопатот Гостивар - Букојчани, дел од коридорот 8, кој го гради американската компанија Бехтел и Енка.

Дојде премиерот лично, во придружба на првиот вицепремиер, ресорниот министер и првиот човек на државни патишта, но и претставници од американскиот конзорциум, засилени со амбасадорката на САД во земјава. Видно задоволен, министерот Александар Николовски вели дека со ова се решава најтешкиот дел од она што треба да е автопат Скопје - Кичево - Струга - Охрид.

Проектот на Коридорот 8 вклучува изградба на шест ленти, три мостови и помошен пат. Но, еден од главните проблеми е бавната експропријација на земјиштето. Директорот на државни патишта Коце Трајановски вели дека веќе е исчистена километарска дрвна маса, а забрзан е и откупот на земјиштето.

Договорот со „Бехтел и Енка“ стана клучен и за Владата на Христијан Мицкоски. Премиерот има визија за Македонија како централна транспортна, железничка и гасоводна крстосница во регионот. Но, опозициската СДСМ не гледа искреност во пофалбите на премиерот. Од партијата потсетуваат дека додека беше во опозиција, Мицкоски остро го критикуваше договорот со „Бехтел и Енка“, нарекувајќи го историски криминал.

„Мицкоски и Николовски од денеска се фалат со истиот проект од Договор со Бехтел и Енка и велат дека резлизацијата ќе била добра за државата и за граѓаните. Вакво лажење на народот досега е невидено, се потврди дека историско е само политичко лицемерие и дволичност на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ!“

На слична линија се и од ДУИ. Оттаму велат дека целиот политички лов на вештерки со клевети и конструкции беше измама, за да се дојде на власт. Четирите автопати дел од коридорите 8 и 10Д, дел од договорот со „Бехтел и Енка“, со должина од 110 километри,  треба да се завршат за 4 години, а нивната вредност е 1,3 милијарди евра. Кога претходната влада го промовираше пред две години, тогошната опозиција остро се спротивствани на овој проект, обвинувајќи за корупција од невидени размери, па ветуваше негова ревизија. Сега, тој станува нејзин главен приоритет.