Власта и опозицијата во клинч за блокираниот европски пат
Политички препукувања за евроинтеграциите – уставните измени и реформската агенда повторно го вжештија судирот меѓу власта и опозицијата.
СДСМ обвинува дека Мицкоски бара алиби за неисполнување на реформите, од ВМРО ДПМНЕ пак им порачаа дека партијата на Филипче е ставена на услуга на Бугарија .
Без уставни измени – нема напредок кон Европската Унија, велат од СДСМ. Според нив, прашањето на малцинствата не е само прашање на Бугарите, туку и на сите малцинства во државата.
СДСМ : Но Мицкоски не сака да ја каже главната работа. Без измени на Уставот, без малцинства во Уставот, нема ни 7, 8, ниту 9,5 или 10 исполнети. НЕМА НИШТО! Ние не преговараме со Бугарија, туку со ЕУ. Со сите 27 земји членки и услов се малцинствата! Малцинствата не се само Бугари, туку и Срби, Хрвати, Роми, Бошњаци, Турци, Албанци… сите наши соседи, пријатели, колеги, роднини… сите тие се граѓани на Македонија.
Македонија мора да добие јасни гаранции дека уставните измени ќе бидат последното барање на европскиот пат, велат од ВМРО ДПМНЕ. Порачаа - членството во ЕУ треба да биде достоинствено и без нови идентитетски отстапки.
Валентин Манасиевски ВМРО ДПМНЕ : Заев и Филипче се ставени на услуга на Бугарија поради уцени од група бугарски политичари поради нивното криминално минато. За Зоран Заев и Венко Филипче терминот „северномакедонци” е гордост и успех на нивната политика која не доведе да бидеме држава со која другите се потсмеваат, потценуваат и не гледаа како потчинети.
Инаку, изминатава недела се заокружи првата комуникација меѓу министерот Муцунски и новата шефица на бугарската дипломатија Чамова, по што до Софија беше испратена дипломатска нота.
Чамова од Брисел изјави дека имала средба со Муцунски и дека ја пренела бугарската позиција до „северномакедонските партнери“, додека Муцунски возврати дека станувало збор за едноминутен разговор, а не средба, оценувајќи го терминот – северномакедонски, како несоодветен. Во МНР му беше врачена вербална нота на бугарскиот амбасадор Радуков. Досега нема официјален одговор од Софија.

