Власта и опозицијата со остра дебата за ребалансот на буџетот
Наместо дебата за конкретни планови за економски проекти, пратениците на власта и опозицијата продолжуваат меѓусебно да се напаѓаат и обвинуваат кој подобро ја водел државата. Нетранспарентно трошење на јавните пари, работење без никаква стратегија, политики кои се против интересот на граѓаните, богатењете на политичките елити на сметка на граѓаните, се само дел од преписките кои можеа да се слушнат од собраниската говорница.
„Да покажете дека не се работи за претходно договорени проекти во соработка и координација со кумот Зоран Ставрески. Во сите општини живеат условно кажано, и наши и ваши по патиштата кои ќе се изградат се движат и ваши и наши, а вода од водоводите ќе пијат и ваши и наши“, вели Митко Трајчулески од СДСМ.
„Ние ќе направиме јасна разлика во работата и нерабготењето на СДСМ и ДУИ, и во никој случај како што вие велите нема да ги делиме ниту луѓето ниту општините ниту бизнис секторот, на наши и ваши. единствено ќе правиме разлика што ќе имаме работници и одгопворност на оние кои потфрлиле во работењето“, рече Марија Петрушевска од ВМРО-ДПМНЕ.
Задолжувањето на државата е тема на која редовно опозицијата напаѓа а власта се брани дека зема кредити за подобрување на антуелнио состојби.
„Воспоставување на специјална економска соработка со Унгарија, оној фамозен кредит од 500 милиони евра кој го зимаме со камата од 3,25. Па ниту една банка во Македонија и надвор во Европа не ни дале поевтина камата“, изјави Александар Јамалов од ВМРО ДПМНЕ.
„Денес стои пред нас еден документ кој што не ветува дека владата ќе води грижа за потребите на граѓаните иако тоа го ветуваше во секоја втора реченица, во предизборната кампаѓа која беше пред некој месец“, рече Даниела Николова од СДСМ.
Економистите од Институтот за економски анализи Finance Think сметаат дека најавите за продлабочување на буџетскиот дефицит е сериозен аларм за македонската економија. Од Finance Think излегоа со свој став за ребалансот на буџетот.
„Проширувањето на фискалниот дефицит е резултат на две тенденции. Првата се однесува на истрошеноста на буџетот заклучно со јуни 2024: на пример, буџетскиот дефицит заклучно со јуни 2024 е потрошен во износ од 71%, што е значајно несразмерно со периодот за кој се однесува. Покрај политичката димензија, истрошеноста на буџетскиот простор е тесно поврзана и со повеќеслојната економска криза од претходните години. Втората тенденција е неможноста, или недоволното време, да се консолидира и рационализира расходната страна, а во услови на претходно-преземени законски обврски кои сега имаат или ќе имаат фискална реализација“, велат од Finance Think.
Со ребалансот се предвидува да се обезбедат 300 милиони евра за повисоки пензии, за проекти на локално ниво, за капитални проекти, но и за новите министерства. Денеска е трет ден од расправата за ребалансот на буџетот, а според очекувањата треба да биде усвоен кон крајот на првата недела од август. За надополнување пратениците имаат предложено 58 амандмани.