Владините партнери против оставка на Заев
Foto

Владините партнери против оставка на Заев

Претставници на сите политички партии што го сочинуваат парламентарното мнозинство вчера на средба со премиерот Зоран Заев и изразија поддршка на Владата, потврдувајќи дека парламентарното мнозинство е стабилно и одговорно кон иднината на државата и народот и побараа од него да ја преиспита својата одлука за оставка од премиерската функција, како и од местото лидер на СДСМ.

На средбата заеднички е констатирано дека не се потребни предвремени парламентарни избори, бидејќи тие единствено би ја втурнале земјата во политичка, економска, општествена и безбедносна криза, но исто така ќе ги закочат и процесите на европски интеграции.

Коалициските партнери од парламентарното мнозинство беа едногласни дека „на Македонија и е потребна Влада со јасен евроатлантски курс на дејствување, која испорачува резултати во интерес на граѓаните, посебно во време на пандемијата и енергетска криза“.

По средбата, генералниот секретар на ДУИ и прв вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби изјави дека сите коалициски партнери недвосмислено дале поддршка на политиките на Владата, на премиерот Зоран Заев и на цела владина коалиција за продолжување со европската и реформската агенда и немало сомнеж во парламентарното мнозинство од ниту еден учесник на состанокот.

– Сите партнери што учествуваат во Владата беа апсолутно против оставката на премиерот Заев, затоа што сметаме дека таа беше избрзана и дека тој треба да продолжи со предводењето на Владата и спроведувањето на политиките, затоа што тоа го очекуваат граѓаните, изјави Груби, додавајќи дека на средбата било оценето оти на државата и треба стабилност, предвидливост и партнерство со евроатлантската заедница и дека оставката на премиерот Заев е непотребна.

Тој нагласи дека ова беа локални, а не парламентарни избори и дека актуелната владина коалиција го доби мандатот на 15 јули 2020  година да ја предводи земјата по евроатлантскиот курс.

– Ние сметаме дека само оваа Влада може да го реши спорот со соседна Софија и да ги отвори пристапните преговори со ЕУ. Не смееме да си дозволиме авантури и како граѓани и како држава во овие кревки моменти, не само за нашата држава, туку за целиот регион, рече Груби, додавајќи дека во сегашнава состојба на граѓаните најмногу им е потребна стабилност.

Генералниот секретар на Беса и министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа по координативниот состанок изјави дека средба уште еднаш се покажало дека владиното мнозинството е стабилно и дека треба да продолжи.

– Сите се согласивме дека какви било процеси што би воделе кон предвремени парламентарни избори ќе бидат многу проблематични, тешки и за економската, социјалната и безбедносната ситуација во државата. Затоа сите едногласно сме против организирањето на предвремени избори, истакна Хоџа.

Тој посочи дека сегашната Влада го доби мандатот во 2020 година и, како што рече, тоа што го презеле како одговорност при нејзиното формирање било забрзување на процесот на евроинтеграциите.

Околу оставката на премиерот Заев, Хоџа нагласи дека Беса не се согласуваат со неа, но оти тоа е личен чин за кој премиерот само одлучува.

Пред средбата, лидерите на ДОМ и на ЛДП, Маја Морачанин и Горан Милевски порачаа дека двете партии остануваат дел од парламентарното мнозинство и дека не поддржуваат одржување на предвремени парламентарни избори.

– И пред да започне кампањата, кога го формиравме движењето „Одлучно за промени“ кажавме дека сме дел од парламентарното мнозинство и дека мнозинството и Владата се стабилни и не поддржуваме одржување на предвремени парламентарни избори и формирање на ново парламентарно мнозинство, бидејќи на Македонија и е потребна стабилност, се соочуваме со енергетска криза и се уште трае ковид пандемијата, рече Морачанин.

И лидерот на НСДП, Тито Петковски пред средбата изјави дека не треба да има предвремени парламентарни избори, туку дека актуелната Влада треба да продолжи со работа.

Според Петковски, мора да се разграничи што се локални, а што парламентарни избори ако сакаме да имаме демократска држава. – Не може ако изгубите едни избори, да ги повторувате сите, порача Петковски.

– Стоиме на поддршката на парламентарно мнозинство со учество во оваа Влада и сметаме дека таа треба да продолжи. Се случија локални избори, Македонија мислам дека доби. Друго прашање е кој како тоа ќе го толкува. Завршија локалните избори и градоначалниците треба да си ги преземаат функциите, да се однесуваат одговорно и Владата да си продолжи, истакна Петковски.

Претседателот на ДПА, Мендух Тачи пред средбата нагласи дека неговата партија останува дел од владејачката коалиција и не гледа никаква причина нешто драматично да се случи.

– Сакаат да ја изместат темата. Ова беа локални избори. Ако сакаат да зборуваат за легитимитет на Влада, оваа Влада и на овие избори доби легитимитет. Апсолутно има многу повеќе гласови од опозицијата, рече Тачи.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети во изјава за ТВ 21 нагласи дека во неделата вечерта разговарал со Заев и му пренел оти не се согласува со неговата одлука за оставка од функциите премиер и лидер на СДСМ, која, според него, е „избрзана и неоснована“.

– Не се согласувам со таквата одлука. Овие се локални избори, ние пред една година победивме на општите избори и добивме мандат за да раководиме со политиките на државата, изјави Ахмети.

Во меѓувреме, од Кабинетот на шефот на државата за МИА информираа дека претседателот Стево Пендаровски официјално не е информиран за оставката на премиерот Заев.

– Претседателот на Република Македонија, официјално не е информиран од претседателот на Собранието дека претседателот на Владата поднел оставка, што повлекува оставка на цела Влада. Кога ќе биде информиран за евентуално поднесена оставка, претседателот, во рамките на уставниот рок од десет дена по извршени консултации ќе го додели мандатот за состав на Влада на партијата или партиите кои што имаат мнозинство во Собранието. Притоа претседателот како и досега во своите постапки ќе се води согласно установеното толкување на уставната норма во праксата во изминатите 3 децении, информираат од кабинетот на Пендаровски.

И од Собранието информираа дека до нив не е стигната оставка од премиерот Заев и дека на вчерашната координативна средба кај собранискиот претседател Талат Џафери воопшто не станало збор за следните чекори што би следувале по изјавата на премиерот во неделата вечерта дека поднесува оставка на функцијата.

По координативната средба кај Џафери, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието Никола Мицевски изјави дека оставката на премиерот Заев „се уште е Фејсбук оставка“ и „не е испратена до институцијата каде што треба да биде доставена, а тоа е Собранието“.

Тој додаде дека во зависност од писмото со оставката што ќе биде добиено ќе се знаат и процедурите, односно она што ќе треба да се прави како наредни чекори во Собранието.

– Состојбата е многу сериозна во државата. И ние ќе се обидеме да направиме ново парламентарно мнозинство имајќи ги предвид сите предизвици пред коишто се соочува државата и граѓаните во нашава држава. Но, доколку не успееме во сите тие напори најдобро би било да има нови предвремени парламентарни избори, бидејќи оваа Влада, ова мнозинство го изгубија политичкиот легитимитет и народот ја испорача фактурата која што требаше да ја испорача, рече Мицевски.

Премиерот и лидер на владејачката СДСМ, Зоран Заев во неделата вечерта по поразот што го претрпе коалицијата предводена од неговата партија на локалните избори изјави дека поднесува оставка на двете функции.

– Ја преземам одговорноста за лошите резултати од овие избори, истакна Заев, објавувајќи ги оставките.

Тој нагласи дека останува на ставот дека не треба да има предвремени парламентарни избори, бидејќи, како што рече, претстојат две и пол одлични и неповторливи години од кои корист ќе има целиот народ и државата.

– Ќе останам периодов додека треба, за да помогнам, да се реорганизира нова влада со прогресивно мнозинство кое го има и постои, а може да биде и уште зголемено, рече Заев.

Според член 219 од Деловникот на Собранието, „Владата, претседателот на Владата или член на Владата можат да поднесат оставка. Оставката на Владата или на претседателот на Владата, се поднесува до претседателот на Собранието во писмена форма и може да се образложи… Оставката на Владата или на претседателот на Владата, претседателот на Собранието веднаш ја доставува до пратениците и до претседателот на Републиката“.

Во член 220 понатаму се вели дека „Собранието на првата наредна седница, без претрес, констатира дека на претседателот на Владата, на Владата или на член на Владата, мандатот им престанува на денот на одржувањето на седницата“.

Актуелното парламентарното мнозинство од 62 пратеника го сочинуваат коалицијата предводена од СДСМ, во чиј состав се и Беса, НСДП, ЛДП, ДОМ, Демократскиот сојуз, ВМРО-НП, Партијата на пензионери, Српската странка во Македонија, Партијата за движење на Турците и Демократска партија на Турците, и плус ДУИ и ДПА. 

0 Коментари

Остави коментари