Владината кошничка не е готова, но ќе била поевтина, граѓаните едвај врзуваат крај со крај

Владата се уште пресметува - колку пари му требаат на едно четиричлено семејство за да го протурка месецот. 

Министерот за економија вели дека на владината потрошувачка кошничка ќе се најдат сто и еден производ и дека ќе биде поевтина од синдикалната.... Дурмиши тврди дека владините пресметки ќе ги отсликаат реалните потреби за едно четиричлено семејство. 

„Околу 13 проценти оваа потрошувачка кошничка е поевтина од таа што ја објавува ССМ. Нивната не е минимална кошничка – имаат ставено производи кои во временски период не се трошат, имаат ставено ставка за кирија, а според пописот 90 проценти од населението, има сопствен дом. Нивната кошничка не е реална, туку направена од тројца професори кои самите кажуваат дека тоа не е минимална кошничка, изјави министерот за економија Бесар Дурмиши....

Додека Владата зад затворени врати ги реди бројките на хартија, граѓаните велат цените стихијно се покачуваат, а платите и пензиите не стигаат до крајот на месецот.... 

„Цените се качуваат секој ден по денар-два, а не соодвестуваат поготово со пензиите воопшто и платите се многу ниски народот крај со крај одвај сврзува “

„Цените секој ден одат погоре и во продавниците и во маркетите, се мачиме некако да помине месецот. Тие пак што имаат мали деца им е уште потешко, со овие плати не знам зошто молчи Владата“

„Цените стихијно си се качуваат никој ниту кажува ниту најавува“

„Катастрофа е навистина не се излегува од крај до крај на месец“,велат граѓаните кои ги анкетиравме.

Кошничката изработена од Владата денеска беше презентирана пред Економско социјалниот совет, но за неа имало одредени забелешки од, како што рече министерот Дурмиши, технички карактер, но имало и предлози кои ќе се разгледаат и на следната сендица. Доколку биде прифатена ќе почне да се применува од крајот на овој месец. 

Според сојузот на синдикати пак, Владата со својата потрошувачка кошничка што сака да ја креира сака да најде оправдување за малите плати. 

Синдикалните пресметки покажуваат дека минималните трошоци на едно четиричлено семејство во февруари се зголемени за речиси илјада денари во споредба со јануари, а синдикалната кошничка тежи 67.382 денари.