Владејачкото мнозинство ги повлече предлог измените на законот за надворешни работи
СДСМ, ДУИ и БЕСА како потписници, ги повлекоа од собраниска процедура измените на Законот за надворешни работи, откако ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе поднесе 300 амандмани на истиот, соопшти денеска на прес конференција координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески.
Тој вели дека повлекувањето на измените е за да се обезбеди експертско мислење што точно значи овој поим и дали државен функционер воопшто може да има двојно државјанство. Митрески додава дека СДСМ и коалицијата нема да дозволат опозициската ВМРО-ДПМНЕ во Собранието да прави театар што е во корист на внатрепартиската битка на партијата.
A претседателот на собраниската Комисија за надворешни работи Антонио Милошоски за ТВ 24 вели дека двојното државјанство на дипломатите може да биде ризик фактор а безбедносен сертификат со степен државна тајна може да имаат само оние дипломати кои не поседуваат двојно државјанство. Милошоски негира дека амандманите на предлог-законот се резултат на партиски пазарења и лични интереси и демантира дека поседува двојно, и македонско и бугарско државјанство.
Негативно мислење за предложените измени на Законот за надворешни работи изнесе и Советот на амбасадори според кој со ваквиот чин се уриваат темелите на државата и се преиспитува кредибилитетот кај назначените замбасадори.
Итно повлекување на предлогот побараа и од Македонскиот дипломатски синдикат, од каде велат дека не смее да се релативизираат условите за стекнување на звањето амбасадор, особено во период кога се оспоруваат националните атрибути на државата.