Владата со итни задолженија за општините од регионите заштитени од Унеско
Да се уриваат дивоградбите за кои се издадени правосилни решенија во Охрид и Струга и да се ограничи можноста за нови градби надградби и доградби во старото јадро на Охрид.
Владата со итни задолженија за општините од заштитениот Унесков регион и ресорните министерства.
„Задолжено е Министерството за транспорт и врски, а им се укажува и на Општина Охрид, Општина Струга и Општина Дебрца, сите урбанистичко плански документации да ги доставуваат до Комисијата за управување со светското природно и културно наследство на мислење уште во фаза на предлог-опфат, односно пред да бидат усвоени од општинската Комисија за урбанизам и инкорпорирани во годишната програма“.Управата за заштита на културно наследство треба, во посочени рокови, да достави насоки до Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј - Охрид, со што ќе ги дефинира (ограничи) можностите за изградба на нови објекти, надградби и доградби во Старото градско јадро на Охрид,
Министерството за транспорт и врски, во соработка со Капетанијата на пристаништата – Охрид ќе треба да формира Работна група за изработка на анализа на пловилата во Охридското Езеро, а Министерството за животна средина и Хидробиолошки завод Охрид да изработат приоритетна листа на загрозени видови риби, безрбетници и алги во Охридското Езеро.
Но, и покрај реакциите на Владата ставот на граѓанските организации останува ист, тие изразуваат незадоволство од текот на исполнување на препораките. Велат се досега е само на хартија а во пракса нема ништо.
Инаку Охридскиот регион успеа уште за една година да го продолжи опстанокот во листата заштитените подрачја на Унеско откако пред неколку дена во Ријад на 45та сесија беше донесена позитивна одлука но со испорачани препораки за кои до следната година мора да се покаже напредок.