Владата се правда: Новата гасна централа е проценета на 290 милиони евра и е стратешки проект
Гасната централа која во земјава ќе ја гради грчки Митилинеос ќе ја замени постојнатаТЕ-ТО. Вицепремирот за економски прашања Фатмир Битиќи на брифинг со новинарите соопшти дека руската инвестиција ТЕ-ТО ќе се затвори од стратешко-безбедносни причини, без разлика што оваа централа помогна во справувањето со енергетската криза.
Тоа треба да се случи за пет години, откако грчкиот инвеститор ќе ја изгради новата гасна централа, дел од четирите стратешки инвестиции вредни 786 милиони евра, кои утре ќе се најдат пред пратениците на пленарна седница.
„Ќе ја исклучиме затоа што е руска инвестиција. Наскоро ќе почне изградбата на гасоводот со Грција и ние повеќе нема да бидеме зависни од централата ТЕ ТО.“
Во исто време, не стивнуваат реакциите за поволностите кои Владата им ги дава на стратешките инвеститори. За да ја изгради гасната централа проценета на 290 милиони евра, Митилинеос ќе добие државно земјиште за мали пари, 50 милиони евра државна помош, бнкарски гаранции, а ЕСМ ќе биде обврзана да ја купува енергијата која ќе ја произведе. Тие ќе заработат многу, а државата ништи, тврди професорот од битолскиот универзитет Дејан Трајковски.
„Македонската влада на грчката компанија преку овој штетен договор на грчката Митилинеос не само што ќе и ја купи централата (најпрво преку учеството за кредитот, а потоа преку отплатата), туку ќе и овозможи преку 2 милијарди идни евра профит, не сметајќи ги 50-те милиони фрлени евра. Разликата е во тоа што наместо ние да ја поседуваме електраната, ќе ја поседуваат Грците, благодарение на нашите штетници што сакаат тоа да им го овозможат.“
Од друга страна, директорот за развој во ЕСМ и поранешен владин советник за енергетика Виктор Андонов, на денешниот брифинг тврди дека цените по кои државата ќе ја откупува енергијата од новите инвестиции, ќе бидат пониски и од сегашните. Според него, ако производната цена на РЕК Битола сега е 110 евра, а на вкупното производство на ЕСМ 90 евра, струјата од соларниот парк Стипион, кој ќе го гради француска фирма, ќе чини 56 евра, што е пониско од сегашната цена по која ЕВН Хоум купува од ЕСМ.
Струјата на Митилинеос би била 5 отсто пониска од берзантската, а топлинската енергија од оваа централа, 40 отсто поевтина од сега. Ако не била енергетската криза, парите кои ЕСМ ги потрпшил за да се држи цената на струјата на подносливо ниво, ќе се потрошеле во инвестиции, тврдат надлежните.