Владата сака да бидеме дел од ЕУ, но не по секоја цена, СДСМ повторно со барање за затворена собраниска седница за евроинтеграциите
Владата сака да биде проевропска и да ја види државата интегрирана во рамки на ЕУ, но не по секоја цена, туку по нормална траекторија во која што би било сочувано достоинство. За ова имаме поддршка од 26 земји членки, освен од нашиот источен сосед, изјави синоќа премиерот Христијан Мицкоски.
Опозицијата, пак, се огласи со повторно барање за затворена собраниска седница за власта да го каже планот за евроинтегративниот процес на земјава.
СДСМ побара ваква седница откако Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите членки во Европската Унија донесе одлука Албанија на 15 октомври да го почне преговарачкиот процес за членство во ЕУ, со што практично би се раздвоила од Северна Македонија.