Владата од една страна зборува за сузбивање на коцкањето од друга го стимулира?!

Владата отвора свои интернет коцкарници, иако оваа одлука се коси со законот, велат познавачите. Со потпис на првиот вицепремиер Артан Груби, пред три месеци е донесена одлука за формирање три друштва, а пред една недела и повик до приватни фирми, да станат партнери на Владата во нив, за заедно да приредуваат игри на среќа преку интернет.

Токму ова, според познавачите на оваа проблематика, е спротивно на законот, оти според актуелното законско решение, постоечките приредувачи не се во можност да организираат игри на среќа преку интернет. Домашните приредувачи во повеќе наврати протестираа и бараа да се овозможи да организираат игри на среќа на интернет како што е пракса во сите европски земји. Првиот човек на Асоцијацијата на спортски обложувалници Васко Илијевски вели дека ова ги изненадило и нив.

„И ние сме затечени од ова. Ќе мора членките на Асоцијацијата да се групираат за да излеземе со јасен став за оваа тема.“

На оваа ситуација Илијевски предупредуваше уште пред седум месеци, кога Владата најави измени на законот за игри на среќа, со кои сакаше објектите да им ги оддалечи 500 метри од училишта. Еве што тој тогаш изјави.

Иако во Законот е предвидено под кои општи услови можат да се приредувааат интернет игри на среќа, Министерството за финансии повеќе од десет години не ги носи подзаконските акти, без кои во пракса не може да се приредува коцкање преку интернет. Засега таа можност ја има само државната лотарија и таа е единствен приредувач на игри на среќа на интернет, но не и приватни компании, кои сега би биле партнери на Владата, велат познавачите.

Откако на почетокот на годината Владата гласно најавуваше измени на законот за игри на среќа заради заштита на децата, последните месеци за тие измени никој не зборува, а во меѓувреме државата формира коцкарници на интернет, место каде што децата се најприсутни. Оваа Одлука за јавно-приватно пратнерстов на 15 години, го отвора прашањето дали зад неа се кријат лични интереси на владини функционери, коментираат познавачите на оваа проблематика.