Владата не планира ограничувања за нафтените деривати и покрај енормната побарувачка
И покрај благиот пад на цените, секое поместување на пазарот на горива будно се следи. Премиерот Мицкоски потенцира дека иако дериватите поевтинуваат, предизвиците остануваат под постојан надзор за да се осигура економската стабилност.
Иако побарувачката на бензинските пумпи во одредени денови надминува два милиони литри, Владата засега нема да воведува рестрикции за странските државјани, бидејќи државата располага со доволни количини.
Во однос на растот на инфлацијата иако статистиката покажува годишен раст на инфлацијата од речиси 5 проценти, премиерот останува на ставот дека мерките даваат резултат и дека земјава има една од најниските стапки во Европа.
Но, економистите предупредуваат – бројките се едно, а реалната куповна моќ на граѓаните друго. Загриженост доаѓа и од Сојузот на стопански комори, од каде алармираат дека вистинскиот притисок врз цените на храната допрва ќе се почувствува. Нивните анализи покажуваат можно ново поскапување во периодот септември–октомври, кога пазарот ќе ги покаже реалните ефекти од кризата.

