Владата не очекува ценовен шок за цената за струјата, но минимално покачување е можно
Од еден од три отсто би било поскапувањето на цената на струјата. Ова е прогнозата на Владата по објавената понуда на ЕСМ на тендерот на ЕВН Хоум од 62 евра за мегават час. Со самото тоа што понудата е поскапа за над три отсто во однос на актуелната цена очекувањата се дека многу реално е дека тоа ќе резултира и со зголемување на финалната цена која ја плаќаат домаќинствата.
Од владата сметаат дека најголемо зголемување на цената на електричната енергија треба да очекуваат домаќинствата кои се во четвртиот но и во третиот тарифен блок.
Слично очекување вчера имаше и Виктор Андонов кој беше дел од претходното раководство на ЕСМ, но е и добар познавач на состојбите во енергетскиот сектор.
„Регулаторната комисија ќе има можност во анализите кои што ќе ги направи да успее да го заштити стандардот на граѓаните и да не дојде део зголемување на цената, бидејќи може да се игра со анализите, а да не заборавиме и дека имаме четири блокови. А цената на електричната енергија е различна во зависност од потрошувачката кај одредени групи на домаќинства.“ - Виктор Андонов експерт по енергетика.
Претседателот на регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски за Телевизија 24 соопшти дека во текот на следната недела ќе ги објави и тарифите кои ќе бидат на сила за следните шест месеци. Дополнително тој изјави дека ценовен шок нема да се случи бидејќи и најголем дел од трошоците кои биле доставени од енергетските компании ги одбил и тие нема да влезат во пресметката.
„Во најголем дел од трошоците кои не се поврзани со набавка на електрична енергија, загубите ни се пресметани. Нема да има никакви ценовни шокови, во рамки на очекувањето ќе биде.“ - Бислимовски.
До крајот на годинава регулаторот има обврска да ја најави новата цена на електричната енергија која ќе важи од јануари до јуни.