Владата не ги кажува резултатите од анализата на водата во Гостивар, со симптоми повеќе од 3 000 лица

Бројката на гостиварци со симптоми на труење надмина три илјади, а и неколку дена по масовното труење во градот, Владата не ги кажува резултатите од анализите направени на водата од градскиот водовод.

Иако сомнежите се дека токму водата е причина за труењето, министерот за здравство вели дека резултатите се уште не може да ги соопштат бидејќи биле направени по барање на обвинителството и се дел од истрага. 

Сашо Клековкси – Министер за здравство

„Наодите во ИЈЗ ги има побарано Јавното бовинителство и јавното обвинителство нека не информира дека може да ги соопштиме и ние ќе ги соопштиме бијдеќи во основа ИЈЗ и до мене ги нема доставено информациите бидејќи се на барање на Јавното Обвинителство - значи во првиот момент кога обвинителството ќе дозволи ние ќе ги објавиме“.

Од обвинителството велат дека случајот е се уште во фаза на предистрага и дека постапката е тајна поради што не соопштуваат повеќе информации засега. 

ЈОРСМ

- Јавното обвинителство и натаму презема истражни дејствија за прибирање докази. Сите прибрани докази до овој момент, како и доказите кои допрва се очекува да бидат доставени се анализираат за да се утврди состојбата од која ќе произлезе правна квалификација на евентуално сторено кривично дело и идентификација на сторителите. Постапката се уште е во фаза на предистрага која е тајна. Веднаш по утврдување на сите околности и донесување на соодветна јавнообвинителска одлука јавноста ќе биде запознаена. 

Во меѓувреме четири лица од кои едно дете завршиле на болничко лекување, а само во изминатово деноноќие лекарска помош побарале 564 граѓани. 

Директорката на институтот за јавно здравје потврди дека симптомите кои ги пројавуваат жителите на Гостивар може да бидат резултат на конзумирање на загадена вода. 

Д-р Марија Андоновска – Директорка на ИЈЗ

„Доколку хипотетички зборуваме во една вода се најдат фекални бактерии и таа вода е конзумирана од страна на одредени лица можат да се јави симптоматологија од ваков тип како што имаат, но тоа е една широка лепеза на клиничка слика така што - да доколку би биле утврдени може да се јават вакви стомачни проблеми како што имаат граѓаните на Гостивар, а тоа може да помине со полесна клиничка слика, но може и да резултураат со одредена дехидратација, но и компликација“...

Случајот предизвика и политички реакции – опозицијата бара оставка од министерот Клековски со обвинување дека задоцниле со прогласувањето епидемија – додека од ВМРО-ДПМНЕ побараа случајот да не се политизира.

Наташа Поповиќ – СДСМ

„Криењето информации во услови на масовно загрозување на јавното здравје не е обичен пропуст – тоа е неодговорно постапување со сериозни последици врз здравјето на граѓаните. СДСМ бара итна политичка и институционална одговорност од министерот за здравство и од сите одговорни на надлежни институции“.

Владата од денеска почнува со дистрибуција на вода за Гостивар. Водата се дели на повеќе пунктови во градот, Водостопанство Гостивар, градинка „Пролет“, Средното економско училиште, ЈП Национални шуми – подружница Шар Гостивар, АД ЕСМ подружница кај гаражите, Општата болница и територијалната противпожарна единица, а доколку има потреба ќе се отворат и повеќе пунктови.