Владата набавува морски плодови за 20.000 евра, а ќе плати и 270.000 евра за одржување на зеленилото

Речиси 300 илјади евра Владата планира да потроши на риба, морски плодови, цвеќиња, тревници, дрвја и уредување на зелени површини. За пастрмка, крап, лигњи, октопод, планирани се 20 илјади евра.

Со оваа храна ќе се гоштеваат странските делегации кои ја посетуваат земјава. Тендерот го добила скопската фирма Фодулмак, која во последните три години, за набавка на храна за државни институции, добила тендери вредни нешто над три милиони и 700 илјади евра. Тревнатите површини пред неколку државни објекти за близу 280 илјади евра, со цвеќиња и дрвја ќе ги облагородува фирмата Триста-груп од Скопје, која во последните четири години добила државни тендери вредни еден милион 170 илјади евра.

Последните набавки за производи и услуги кои не изгледаат толку продуктивни, доаѓаат во време на енергетска криза, кога Владата објави дека се ослободува од непродуктивните трошоци. Оттаму за ТВ24 велат дека ова се редовни годишни набавки, за кои парите и не мора да се потрошат во целост.

„Се работи за редовна годишна набавка која се реализира сукцесивно. Ќе биде платено толку колку што ќе биде потрошено, во зависност од бројот на посети на делегации во тековната година. Сукцесивен е и редовниот договор за хортикултурно уредување, кој се однесува на одржување на зеленилото во сите институции, објекти, државни вили кои се под ингеренции на Службата за општи и заеднички работи, како на пример Собранието, Владата, Вилата Водно, Клубот на пратеници и други.“

Секоја втора фирма која учествува во тендерите во земјава вели дека има корупција,  покажува извештајот на Центарот за граѓански комуникации, кој се базира врз истражување од последните шест месеци. Првиот човек на центарот Герман Филков вели дека за ефикасна борба против корупцијата во јавните набавки, истражните органи и судството треба да го преземат својот дел од борбата.

Во земјава годишно преку тендери се трошат околу 1,2 милијарди евра. Во светски рамки се смета дека околу 30 отсто од јавните набавки се предмет на корупција. Според тоа, во приватни џебови со коруптивни зделки во земјава секоја година завршуваат фантастични 360 милиони евра.