Владата на Албанезе положи заклетва за втор мандат во Австралија
Австралискиот премиер Ентони Албанезе положи заклетва за втор мандат заедно со министрите, откако обезбеди убедлива победа на изборите.
Лабуристичката партија на Албанезе успеа да ја искористи реакцијата на гласачите против глобалната нестабилност, предизвикана од политиката на американскиот претседател Доналд Трамп, за да победи на изборите на 3 мај.
Австралиската изборна комисија сè уште ги брои гласовите на неколку места, но Лабуристичката партија тврди дека освоила најмалку 92 места од 150-члениот Дом на пратеници.
- Ова е најголемата лабуристичка парламентарна група од основањето на Австралија во 1901 година, изјави Албанезе.
Премиерот и министрите положија заклетва на церемонија во владината зграда во Канбера, која ја водеше генералниот гувернер Сем Мостин.
Опозициската конзервативна Либерална партија, чиј лидер Питер Датон го загуби местото на изборите, денеска ја избра Сузан Леј за нов лидер. Таа ќе биде првата жена на чело на федералната Либерална партија, која ги загуби Сиднеј и Мелбурн од независни кандидати кои ја поддржуваа политиката за климатски промени и родова еднаквост на последните два избора.