Владата ќе избере владини повереници, актуелните градоначалници ќе оспоруваат на Уставен

Почитување на законите и непристрасност на судскиот систем или барање на правда пред уставен суд, вака за Телевизија 24 ги искоментира најавите на премиерот Мицкоски за поставување на владини повереници во општините каде не беше исполнет цезусот в.д градоначалникот на Гостивар Ваљбон Лимани.

Според првиот човек на Гостивар, законите се јасни и недвосмислени и истите предвидуваат функцијата да ја извршува вршител на должност која Лимани ја извршува повеќе од една година. 

За премиерот Христијан Мицкоски нема ништо спорно во поставувањето на владин повереник во Гостивар. Според првиот човек на владата тоа е според предвидените закони, но нагласи дека ги чека конечните резултати од државната изборна комисија. 

Гостивар е една од четирите општини каде поради мала излезност не беше избран градоначалник во првиот круг, но Лимани смета дека е морален победник за што јасен индикатор е разликата од околу 12.700 гласови.

Инаку, од вчера општина Врапчиште каде исто така не беше исполнет цензусот ги затвори вратите, а градоначалникот Исен Шабани ја донел одлуката поради истекување на мандатот, топката ја префрли кон премиерот Мицкоски од кого како што вели очекува да ја донесе конечната одлука за тоа кој ќе ја води општината до прегласувањето. Цензусот не беше иполнет ниту во Маврово и Ростуше и Центар Жупа. Пред да се донесе конечна одлука, се очекува ДИК да ги објави конечните резултатие со што Владата ќе го има последниот збор.