Владата ќе ги земе предид предлозите на опозицијата, ЕСМ ќе обезбеди греење за скопјани

Владата ќе ги разгледа предлозите на опозицијата за надминување на енергетската криза. Премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на вчерашната средба договорија ВМРО-ДПМНЕ да ги достави своите контакти за набавка на поевтини енергенси до министерот за економија Крешник Бектеши, кој треба да ги исконтактира посочените субјекти за да се утврди дали нивните понуди ги задоволуваат потребните критериуми.

Меѓу предлозите кои ги претставило ВМРО-ДПМНЕ во Владата е да се обезбеди енергенс за работа на ТЦ Неготино по цени поевтини од берзанските, а струјата што ќе се произведе да се даде на стопанството, за да се зачуваат работни места.

 

Предлагаат и да се обезбедат ресурси за производство на електрична енергија и топлина од ТЕ-ТО Скопје. Електричната енергија ќе ја користат граѓаните и индустријата на регулираниот пазар, а топлината оние корисници кои ги плаќаат своите сметки во БЕГ.

Побарано е и сите јавни претпријатија кои што се занимаваат со комунална и водостопанска дејност, да се префрлат од слободниот на регулираниот пазар.

Мицкоски по средбата рече дека добил впечаток оти предлозите што ги дале се прифатливи за луѓето со кои седелe на иста маса.

 

Премиерот Ковачевски изјави дека средбата поминала во добар дух. Ги образложиле сите активности што ги презема Владата за надминување на енергетската криза. Информирале за производството на енергетските капацитетети, за обезбедувањето енергенси – јаглен и мазут. Ја нагласиле потребата што побрзо да се донесат во Собранието сите закони поврзани со надминувањето на енергетската криза. Станува збор за Законот за задолжување од ЕБОР во износ од 100 милиони евра по поволна каматна стапка за поддршка на работата на ЕСМ, Законот за енергетика, Законот за нафта и нафтени резерви, како и за спроведување на одлуката за кратење на финансиски средства од буџетот кои се со помал процент на исполнетост и и кои не се неопходни и префрлање во ставки за справување со енергетската криза.

– Разговаравме и за префрлање на основните и средните училишта на регулираниот пазар, како и за префрлувањето на здравствените установи за снабдување кај ЕСМ продажба. Беше реафирмирано барањето на опозицијата за вклучување на јавните комунални претпријатија на регулираниот пазар, кое ќе биде разгледано од Министерството за економија во соработка со ЗЕЛС, изјави Ковачевски.

Премиерот информира дека Владата донесе одлука со која ЕСМ е задолжено да врши јавна услуга регулирано производство на топлинска енергија во Скопје. Потпишан е договор меѓу ЕВН и Адора за закуп на топланите, според кој, ЕСМ ќе и плаќа 390.000 евра годишно на Адора, која е сопственик на топланите. Ќе се прават и дополнителни анализи за целосно откупување на топланите.

Продолжува субвенционирањето на струјата за домаќинствата и малите потрошувачи, како и разговорите со соседните земји за набавка на електрична енергија, а се очекува помош и поддршка и од ЕУ, за што претседателот Стево Пендаровски разговарал со претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен изминатиот викенд за време на посетата на Бугарија.

-Не е време за прибирање политички поени, туку за заедничка работа за пребродување на енергетската криза. Владата со сиот свој капацитет прави се што е во наша моќ за да може да обезбедиме се она што е потребно за што полесно пребродување на оваа најтешка зима што ја видел европскиот континент после Втората светска војна, порача Ковачевски по средбата со Мицкоски.

 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е согласен дека во периодот што следува потребен е засилен ангажман од сите за да се надминат проблемите. Смета дека е тешко да се очекува да се реализира претпоставеното сценарио дека ќе бидат функционални трите блока во РЕК Битола, едниот блок во РЕК Осломеј, двете турбини во Неготино, вклучително и добрата кондиција на хидропотенцијалот, зајакнати со ТЕ-ТО Скопје.

Прашан како планираат да донесат гас во земјава, Мицкоски рече дека немаат намера да бидат трговци. Тој истакна дека позицијата не им е Гаспром, но Гаспром е директниот извор за да дојде гас во земјава, оти без да ја крене Гаспром рампата кај Жидилово, гас ќе нема.

-Поразот на сите влади е што сме дозволиле да имаме само еден влез на гас и дали ќе имаме гас или ќе немаме да зависи од некое трето лице. Гаспром е тој што ќе одлучи дали ќе се крене рампата. Позицијата со која јас разговарав обезбедува гаранција дека тоа ќе се случи, изјави Мицкоски.

 

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски, пак, вели дека иако ни претстои енергетски најтешката зима во историјата и мора да штедиме – во земјава ќе има енергенси и за струја и за парно. Се преземаат мерки да се обезбедат потребните енергенси и да се  избегне зголемување на цената на електричната енергија.

Бислимовски оцени дека можеби нема да се покачи цената на струјата, посочувајќи дека треба да се види како ЕСМ ќе ја заврши годината, со колкаво производство, кои дополнително обврски ќе му се даваат на ЕСМ, па потоа да направат анализа.

– Ако викаме сите да се вратат на регулираниот пазар, ЕСМ ќе мора да прави дополнителен увоз, значи треба да се направи јасна слика на кого и како да му се помогне. Апсолутно на сите комапнии кои имаат производен процес треба да им се помогне. На основни училишта, на средни училишта, на високообразовни институции треба да им се помогне. Треба да им се помогне делумно и на јавните комунални претпријатија, рече Бислимоски.

Коментирајќи ја моменталната состојба, тој смета дека мора максимално да се искористат домашните ресурси, таму од од каде што може да се обезбедат евтини ресурси, да се обезбедат и да добиваме поевтина електрична енергија пред се за стопанството.

Во однос на преговорите за ТЕ-ТО, претседателот на РКЕ потенцира дека Комисијата не се вклучила во преговорите ниту со Бугарија, ниту Србија, ниту со Турција. Дополнително, како што рече, РКЕ не може да набави јаглен, мазут, природен гас, тоа го прават други институции и компании, но она што го прави РКЕ е што ги поедноставува одредени процедури за да се завршат сите овие активности.

– Во нашата одлука за цена за топлинска енергија предвидовме ТЕ-ТО да работи цела грејна сезона со цел да се добие повеќе од два пати поевтина цена за топлинска енергија, а исто така ТЕ-ТО ни е битно на нашиот електроенергетски систем со цел да стабилизираме понските прилики во градот Скопје. Верувам дека секој здраворазумен ќе направи се за да се обезбеди производство на електрична енергија од ТЕ-ТО, истакна Бислимоски.

 

Владата на 1 септември прогласи кризна состојба во снабдувањето електрична и топлинска енергија. Кризната состојба во енергетиката со одлука на Собранието е продолжена до крајот април следната година. Истовремено со кризната состојба во сила се и мерки за штедење. Јавните институции треба да ја намалат потрошувачката на струја за 15% во однос на минатата година, а штедење на им се препорачува и на граѓаните и компаниите.