Владата ја зголеми квотата за вработување странски работници, 10 илјади странци ќе можат легално да работат во земјава
10 илјади странски работници ќе можат од годинава легално да работат во земјава. Владата ја зголеми квотата за гастербајтери, па македонските компании ќе можат да ангажираат речиси двојно повеќе странски работници оддосега.
Ќе се издадат 9750 дозволи за редовно вработување, 200 за упатени странци и 50 за сезонски ангажмани. Од вкупната бројка, дури 4.500 се за нови вработувања, како одговор на хроничниот недостиг од работна сила. Бизнисмените со години бараат зголемување. Ангел Димитров од Организација на работодавачи вели дека и оваа квота е далеку пониска од оние на земјите во регионот.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека нема промени во секторите каде ќе се ангажира странска работна сила, кои и досега имаат најголем недостиг од кадар – градежништвото, индустријата, угостителството и трговијата, при што Владата ќе ја следи искористеноста на квотата и состојбите на пазарот на труд. Ангел Димитров очекува недостигот од работна сила во иднина да биде уште поголем проблем.
Во Агенцијата за вработување се регистрирани околу 90 илјади невработени кои формално претставуваат потенцијал за пополнување на слободните работни места, но, како што вели Димитров, голем дел од нив ниту се јавуваат на огласите, ниту се преквалификуваат, туку најверојатно работат во сивата економија.
Зголемувањето на квотата доаѓа во чувствителен политички контекст, по написите во британските медиуми дека Македонија наводно преговара да прифати азиланти од Велика Британија, кои би добиле можност за работни визи во сектори со недостиг од работна сила. Владата ваквите тврдења ги негираше, нагласувајќи дека не постои договор за прифаќање азиланти и дека квотата за странски работници е исклучиво економска мерка, врзана за потребите на домашните компании.

