Владата ја разгледа Информацијата за програмата и приоритетите на француското претседателство со Советот на ЕУ

Владата на денешната седница ја разгледа Информацијата за програмата и приоритетите на француското претседателство со Советот на Европската Унија, во која како главна цел е трансформирањето на ЕУ во една силна Европа во светот, целосно суверена, слободна во својот избор и господар на својата иднина, информираат од владината прес-служба.

Оттаму потенцираат дека, како исклучително позитивен и значаен е делот од програмата со кој недвосмислено се потврдува посветеноста за Западен Балкан, притоа силно нагласувајќи ја важноста и одговорноста на ЕУ која ја има кон европските перспективи за земјите од регионот.

На седницата била разгледана и Информацијата за предлог структури и Акциски план за воспоставување на систем за индиректно управување од страна на Република Северна Македонија со ИПА средствата согласно барањата од Регулативата за имплементација на новиот Инструмент за претпристапна помош (ИПА 3) за 2022 година.

Според структурата, ИПА III е поделена на 5 прозорци и 17 тематски приоритети и тоа: Владеење на правото, фундаментални права и демократија; Добро владеење, усогласување на законодавството, добрососедски односи и стратешка комуникација; Зелена агенда и одржлива поврзаност; Конкурентност и инклузивен раст; и Територијална и прекугранична соработка.

-Во рамките на приоритетот „Зелена агенда и одржлива поврзаност“ предвидени се дополнителни тематски приоритети: Животна средина и климатски промени и Транспорт, дигитална економија, општество и енергија, информираат од Владата.