Владата ја пушти делницата Градско - Дреново - од СДСМ велат 92% патот бил направен во нивно време

По 13 години од почетокот, денеска е пуштена првата делница од експресниот пат Градско – Прилеп. Снегот кој интензивно паѓаше, не ги спречи бројните министри, граодначалници, пратеници и директори да присуствуваат на свеченото сечење на лентата, со што беше означен почетокот на сообраќањето по овој пат.

Премиерот Христијан Мицкоски кој ја пресече лентата, вели дека ова е важна делница од коридорот 10Д, не изоставајќи да ја искритикува претходната власт оти за седум години не успеала да ја заврши.

Првата делница од овој експресен пат по која од денеска може да се вози е долга 16,5 километри и почнува веднаш по наплатната рампа кај Градско и завршува кај клучката Дреново. Според првите луѓе на транспорт и државните патишта, до пред неколку месеци, изградбата била во застој, а изведувачот ја напуштил градбата и се подготвувал да ја тужи државата за неисполнети обврски.

Возвратија од СДСМ. Велат дека владата која тие ја предводеле била најзаслужна за изградбата 92 отсто од оваа делница, оти кога дошле на власт во 2017 година, затекнале заглавен проект, кој успеале да го истуркаат речиси до крај.

Изградбата на експресниот пат Градско - Прилеп, кој со два тунели се поврзува со оној на почетокот на превојот Плетвар, чини 37,5 милиони евра, од кои 28 проценти се државни пари, а остатокот се пари од Европската унија. Со него се избегнува опасниот и тесен стар пат кон Прилеп, кој од Росоман до фаришката клисура претставуваше црна точа, на која често се случуваа сообраќајни несреќи со смртни последици. Се очекува до крајот на годината целосно да биде завршен.