Владата ја „чека“ предлог - листата за државен обвинител по што ќе донесе одлука
Откако кандидатот за државен јавен обвинител Владмир Панчевски беше исклучен од понатамошната постапка од страна на Советот на јавни обвинители, денеска се огласи на социјалните мрежи и по пат на допрен глас најави кривична пријава за десетте члена на Советот кои даваа мислење за пријавените кандидати. Тв 24 побара изјава од Панчевски, но тој посочи дека стои зад она што го напишал на социјалните мрежи. Во објавата тој ги повикува Владата и органите на прогонот да постапат, според него топката е фрлена, на потег се институциите.
Владимир Панчевски-судија: „Пријавените со умисла потешко го повредиле моето законско право, спротивно на потврда на Основен Кривичен суд Скопје со која се потврдува дека сум бил во редовен работен однос на неопределено време во овој суд, на работно место - Судија од 08.02.2008 година до 28.07.2020 година и има вкупен непрекинат судиски стаж во ово суд од 12 години, 5 месеци и 20 дена. Со што ме дисквалификувале од понатамошна кандидатура - предлог од страна на Владата и евентуално гласање во Собранието на РСМ.“
Од Владата велат дека ги чекаат мислењата официјално да пристигнат од Советот на ЈО, а потоа како Владата ќе се произнесат и ќе дадат предлог до Собранието.
Тополова-Исајловска, Раичевиќ, Ристоска и Савевски остануваат на теренот во трка за шеф на државното обвинителство. По вчерашното гласање, претседателот на Совет на ЈО, Башким Бесими изјави дека не се остава простор за политика, со тоа што Советот дал позитивно мислење за сите кандидати освен за Панчевски за кој Советот едногласно одлучи дека не ги исполнил условите, во однос на работниот стаж. Посочи дека сите кандидати се со успешна работа и во ЈО и судовите и како членови не можеле да ги делат затоа што сите делувале во областа по две, три децении.
На почетокот на оваа година, Собранието распиша оглас за државен јавен обвинител. Откако претходно кандидатурите беа доставени до Советот на ЈО и се произнесоа за кандидатите, сега на потег е Владата која потоа до Собранието предлага кандидат кој добил позитивно мислење од Советот. За избор потребен е 61 пратенички глас.

