Владата и телекомуникациската компанија „4iG” потпишаа Меморандум за разбирање

Владата и „4iG“ Групацијата, една од водечките ИКТ компании во Унгарија и Западен Балкан, денеска во Скопје потпишаа Меморандум за разбирање со цел, како што соопшти владината прес-служба, да се забрза дигиталната трансформација во државава во делот на економијата и инфраструктурата.

Од Владата најавија дека во следниот период двете страни ќе формираат заедничка работна група за унапредување на соработката, со цел да се анализираат можностите на пазарот и да се забрза соработката.

Меморандумот го потпишале заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски и претседателот на „4iG“ Групацијата Гелерт Жазаи и според соопштението претставува основа за долгорочна соработка, ги истакнува можностите за влез „4iG“ Групацијата на телекомуникацискиот пазар во државава и ги идентификува стратешките области за идниот развој на телекомуникациските услуги и инфраструктурата во земјата.

Според Владата, Меморандумот за разбирање потпишан со „4iG“ Групацијата е целосно во согласност со „Планот за одржливост на Македонија 2030“ и посветеноста на државата за програмата „Чиста мрежа“.