Владата и банките ги продолжуваат преговори за унгарскиот заем
По неуспешниот обид за целосен договор помеѓу банките и властите за кредитната линија од Унгарија наменета за фирмите, сега ќе се чека втората шанса.
Според нашите информации, тоа ќе се случи до крајот на оваа недела, и нема да биде на високо ниво, односно на средбата нема да бидат премиерот Христијан Мицкоски и претседателката на Македонската банкарска асоцијација Маја Штериева. Откако начелно ќе се договорат двете страни тогаш ќе треба тоа да го потврдат и челните лица на двете страни.
На следниот состанок помеѓу властите и банкарите треба да се договорат за оперативните трошоци кои ќе ги сносат комерцијалните банки. Во однос на провизијата, банките веќе се откажале од било каква заработка во целиот овој процес како што тоа го направиле неколку пати досега. Она што треба сега да се напомене е дека банките сега настојуваат да ја задржат адекватноста на капиталот, односно да останат ликвидни и да може да исплаќаат депозити.
И додека компаниите ги чекаат парите од унгарскиот кредит, а со него и условите под кои треба да ги планираат следните инвестиции, професорот и екс министерот за финансии и Никола Поповски за Трилинг на ТВ 24 вели дека банките се соочуваат со невиден политички притисок. Во никој случај регулацијата на работењето на банките не е во владина надлежност, банките се приватни субјекти и мешањето во нивната работа од страна на државата ги крши правилата на пазарната економија.
„Замислете владата да беше регулатор во односите во банкарскиот систем. Замислете банките во Македонија, има 14 банки од кои една е државна – Развојната, преку која кредитот ќе се реализира, од останатите 13, три се македонски, другите 10 се странски банки, од 100 до 90% сопственост по секоја поединечно и замислете банките да не беа странски, да беа домашни. Со каков политички притисок се соочуваат од владата и директно од премиерот. Неколку денови по ред, на секоја прес-конференција, на секоја изјава, премиерот врши политички притисок врз пазарни субјекти, да се однесуваат според барањата на владата, во нивното деловно работење.“ - Никола Поповски универзитетски професор.
Според информациите само една банка се согласила да игра по правилата кои ќе ги каже владата. Станува збор за странска банка, која според неофицијалните информации ќе стори се само да биде поблиска со Владата.
Инаку, вчера премиерот Мицкоски најави дека очекува да се договори со банкарскиот сектор до крајот на овој месец. Според него компаниите ќе имаат рок на отплата на кредитите од три до 15 години. Но, тоа ќе треба да се договорат фирмите и банката во зависност од висината на сумата која ќе сака да ја земе фирмата и намерата за што сака да ги искористи парите.
Најголемиот дел од бизнис здруженијата сметаат дека на стопанството во моментов не му се потребни нови кредити, а доколку неколку треба под слични услови може да се обезбедат преку комерцијалните банки. Тука се отвора дилемата дали оваа владина мерка е осудена на пропаст.