Владата го усвои Предлогот за измени и дополнувања на Буџетот за 2026 година

 

Владата денеска на седница го разгледа и усвои Предлогот за измени и дополнувања на Буџетот за 2026 година. Со предложените измени се врши приспособување на приходната и расходната страна на буџетот, како резултат на фискалното влијание од мерките што ги презеде Владата за поддршка на граѓаните и бизнисот, преку намалувањето на акцизата и ДДВ-то кај горивата.

Со предложените измени, како што соопштуваат од Владата, вкупните приходи се проектираат на ниво од 374,2 милијарди денари, додека расходите се проектираат на 420,5 милијарди денари, при што буџетскиот дефицит се задржува на непроменето ниво. Целта на предложените измени е да се одржи стабилноста на јавните финансии, да се обезбеди непречено и редовно функционирање на институциите, реализација на предвидените програми и навремено сервисирање на сите обврски.

Предлогот за измени и дополнувања на Буџетот ќе биде доставен до Собранието на натамошно разгледување и усвојување, соопштуваат од Владата.