Владата го објави францускиот предлог за отстранување на бугарското вето и за старт на преговорите за членство со ЕУ
Што содржи францускиот предлог кој вчера официјално пристигна во Македонија а се состои од два документи - Заклучоците на Советот на ЕУ и Преговарачката рамка?
Во новиот предлог на Париз е избришан терминот билатерален протокол како барање. Сепак во точка 5 од преговарачката рамка за Македонија стои термин - годишни извештаи според член 12 од договорот за добрососедство, а членот 12 е работата на историската комисија со Бугарија. Од владата тврдат дека во овој случај Бугарија нема правна основа да стави вето за спроведувањето на годишните извешати бидејки тие биле во општиот дел од преговарачката рамка.
Од владата тврдат дека македонскиот јазик е чист и дека вложиле огромни напори тоа да не стане и став на Европската унија, сепак Бугарија ќе добие унилатерална забелешка во записникот на преговарачката рамка дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот. Од Владата тврдат дека тоа ќе биде само еднаш, значи таа ќе влезе само во записникот при усвојувањето на преговарачката рамка.
Во документот - Заклучоци на Советот на ЕУ предвидено е Бугарите да влезат во Уставот по првата меѓувладина конференција или официјалниот старт на преговорите со ЕУ, но пред отворање на првиот кластер. Во меѓувреме треба да се направи скрининг , да стават Бугарите во Уставот па да започнат преговорите со ЕУ по кластери во однос на реформскиот процес.
Акцискиот план и Патоказот остануваат во францускиот предлог. Во точка 4 од преговарачката рамка стои обврската за исполнување на клучните реформи за човековите права, борбата против дискриминација и говорот на омраза. Ќе треба да се изготви Патоказ, а за правата на малцинствата, говорот на омраза, антидикриминацијата и образованието, ќе се направи Акциски план. Двата документи ќе бидат редовно мониторитани на меѓувладините конференции со ЕУ.
Доколку Македонија се согласи на францускиот предлог мора прво да се потпише Билатералниот проткол - за Бугарија да даде зелено светло и да започне првата меѓувладина конференција со ЕУ. Од Илинденска бр 2 велат дека сакаат консензус од сите политички чинители во државата и дека ќе дебатираат колку е потребно за да се донесе заедничка одлука за францускиот предлог иако би сакале процесот да заврши за неколку дена.