Владата ги замрзна цените на јајцата и оризот

Министерот за економија, Крешник Бектеши, рече дека најскапото јајце може да се продава по цена од 9,8 денари со одлуката за замрзнување на цената. Според него, мерката е креирана со компаниите што произведуваат јајца. Тој рече: „Цените што биле на 15 март ќе останат исти“. 

„Просечната цена на јајцата е околу 8,5 денари и најскапото може да оди до 9,8 денари од јајце. Зависи од пакувањето и амбалажата, во зависност од компаниите во делот на трошоците што ги имаат. Многу е важно да се наведе фактот дека е зголемена побарувачката за производство на јајца од нашата држава, а бараат и нашите соседи, каде што цените се од 14 центи до 20 центи и нагоре. Што значи дека ако се дозволи целосен извоз, повеќето ќе го пренасочат производство до соседите. Дополнително, како одлука е ограничувањето во извозот, каде што 70 отсто од целото производство или пласман што го имале во јануари и февруари да ги снабдуваат синџирите маркети, а да нема недостиг на овој производ за сите граѓани, ниту зголемување на цената како притисок однадвор“, рече Бектеши.
 

Владата ги замрзна цените на оризот и јајцата од кокошка и донесе одлука со која го ограничи извозот на јајца. Како основа за замрзнување се зема цената која ја имале овие производи на 15 март, а одлуката ќе важи до 30 април. За да се спречи недостигот на јајца на домашниот пазар, Владата донесе одлука најмалку 70 отсто од производството на јајца да се пласира на домашниот пазар.

Трговците имаат обврска јајцата да ги продаваат во количини во кои редовно се продавале во јануари и во февруари 2023.

- Во изминатиот период утврдивме значајни измени во цените на овие производи како резултат на движењата на увозот и извозот, а за таа цел пред Велигден и Рамазан Бајрам да се спречи евентуален дисбаланс, рече премиерот Димитар Ковачевски.

Производителите најмалку 70 отсто од домашното производство на јајца ќе го пласираат на домашниот пазар.