Владата ги прифати договорите за признавање на дипломите на докторите, стоматолозите и архитектите од Западен Балкан

Владата на 95-та седница ја разгледа и ја усвои Информацијата за склучување Договор за признавање на професионалните квалификации на докторите по медицина, докторите по дентална медицина и архитектите, во контекст на договорот за слободна трговија и го прифати усогласениот текст на Договорот. Овој Договор, како што соопшти владината прес-служба, ги опфаќа сите шест земји од регионот и тоа: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија во рамки на Берлинскиот процес.

Од Владата нагласуваат дека се овозможува размена на професионалци кои поседуваат професионална квалификација за доктори по медицина, доктори по стоматологија и архитекти, во формат којшто ќе ги отстрани бариерите на националното законодавство.

-Со Договорот се утврдуваат правилата за автоматско признавање на докази за формални квалификации врз основа на минималните услови за обука, за пристап до регулираната професија и нејзино вршење, како и усогласените минимални услови за обука, во една или во повеќе страни потписнички, коишто им овозможуваат на носителите на споменатата квалификација, да ја вршат истата професија стекната во матичната држава – во друга, потписничка на Договорот, стои во соопштението.

Од Владата наведуваат дека сите шест земји од Западен Балкан ја имаат предвид важноста на економската интеграција, во согласност со  Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА) од 2006 година, како и целите на зголемување на либерализацијата на трговијата со услуги во рамки на ЦЕФТА. Исто така земени се предвид и целите и приоритетите утврдени во Акцискиот план за заеднички регионален пазар за периодот 2021-2024 година во рамки на Берлинскиот процес, коишто се насочени кон отстранување на пречките за признавање на професионалните квалификации, преку усвојување и спроведување на „Рамката на Европската Унија (ЕУ) за автоматско признавање на професионалните квалификации за 7 професии и системот на ЕУ за автоматско признавање“.

– Овој Договор обезбедува повеќекратна добивка бидејќи не само што ќе се применуваат строгите критериуми на ЕУ во мобилноста на заедничкиот пазар, туку земјите имаат обврска да ги усогласат наставните програми за овие три професии со барањата на ЕУ, преку што се обезбедува подобар квалитет и мобилност на овој кадар во рамките на Западен Балкан. Преку Договорот ќе се обезбеди и побрза интеграција на земјата во процесот на ЕУ, поради исполнување на барањата од европското законодавство и фактот дека образовниот, како и институционалниот систем на државата, со понатамошна имплементација на Договорот, веќе ќе бидат подготвени за оваа преземена обврска, односно таа ќе биде целосно усогласена со барањата на Унијата за полноправно членство, се вели во соопштението.