Владата донесе протоколи за градинките, факултетите, основните и средните училишта
Пред да влезат во детските градинки, на децата ќе им се мери температура, помеѓу масите за седење мора да има растојание од 2 метри, а градинките треба да обезбедат креветче и по две постелнини за секое дете. Активностите треба да се организираат така што ќе се избегне меѓусебен контакт на воспитните групи на деца во исто време, а игрите се препорачува да се организираат колку што е можно повеќе на отворено во мали групи.
Забрането е и собирање и меѓусебни контакти на вработените во заеднички простории. Ова се дел од протоколите што ги објави Владата за тоа како ќе функционираат детските градинки.
„Воспитните групи за деца до 2 годишна возраст да имаат максимум по 6 деца и двајца вработени во смена.
Воспитните групи за деца од З до 10 годишна возраст да имаат максимум по 15 деца и двајца вработени во смена.
Не се дозволува собирање и меѓусебни контакти на вработените во заеднички простории.
Пасивен одмор да се организира спиењето така што децата да бидат поставени на креветите според принципот „нозе глава“ со препорачано растојание од 1,5 - 2м.
Обезбедете единечни кревети и постелнина за секое дете и истите да бидат обележени со име на детето и строго да се води грижа да не се мешаат.
Не користете играчки што не се перат и дезинфицираат, особено меки играчки (платнени, плишани) истите да се отстранат од групите-занималните.
Секој родител да достави лекарска потврда од матичен лекар за здравствената состојба на своето дете“ - соопштија од Владата.
Градоначалникот на Скопје вели дека градинките се адаптираат на новите протоколи, но конкретен датум кога ќе се отворат се уште нема.
„Податоци во смисла на бројка на родители што би ги вратиле децата во градинка нема. Анкетите се во тек, во тек е и скринингот кој е една посериозна операција на вработените во детските градинки. Пропишани се протоколите, се адаптираат објектите на ниво на цела држава за да може на посоодветен начин согласно препораките и протоколите од Комисијата за заразни болести, да може дечињата да ги внесеме во системот за детска грижа без опасност за нивното здравје, здравјето на нивните родители и баби и дедовци. Тој процес по мој сознанија е при крај, очекувам дека во блиска иднина ќе можеме да зборуваме за згрижување на дечињата во детските градинки“ - рече Шилегов.
Според протоколите, пак за упис во основните училишта помеѓу секој термин за разговор со дете да има пауза од 20 минути, разговорите со децата да се вршат во просторија во училиштето каде што ќе може да се овозможи растојание од 2 метри помеѓу присутните, а смеат да присуствуваат само членовите на Комисијата и еден од родителите или старателите на детето.
За време на паузите се забранува групирање на пристутните во училиштето, а задолжително е носењето на маски. По завршување на разговорот потребно е просторијата да се исчисти и да се дезинфицира подот со посебно средство.
Во средните училишта пак, пред секој влез ќе мора да има редар кој што ќе води сметка помеѓу учениците да има растојание од 2 метри, како и да се постават знаци за да се запази потребното растојание. Забранет ќе биде влез на родителите, освен за учениците кои имаат потреба од тоа. На крајот од секој ден ќе мора да се врши дезинфекција на просториите.
На факултетите помеѓу секое усно полагање на испит мора да има пауза од 20 минути, во просториите каде што ќе се полагаат испитите мора да се означени местата на кои што е дозволено седење со почитување на растојанието од 2 метри, а студентите задолжително ќе мора да носат маски. После секое полагање факултетите ќе треба да вршат дезинфекција на просториите и компјутерите.