Владата денеска ќе одлучува за полицискиот час во времетраење од две недели
Foto

Владата денеска ќе одлучува за полицискиот час во времетраење од две недели

Владата денеска на седница треба да одлучува по предлогот на Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести за воведување полициски час од 22:00 часот навечер до 05:00 наутро на територија на цела држава. Комисијата оценува дека ваквата ригорозна мерка ќе има ефект, а засега предлогот е да трае две недели, колку еден епидемиолошки циклус. Анализите покажуваат дека расте бројот на заразени и ќе расте и бројот на хоспитализација.

Министерстeрот за здравство Венко Филипче, по предлог на Комисијата за заразни болести вчера на Главниот координативен кризен штаб предложи воведување полициски час од 22:00 часот навечер до 05:00 часот наутро, на територија на цела држава.

Од Министерството за здравство наведоа дека Комисијата дополнително ќе се произнесе од кој ден да почне полицискиот час и до кога да трае истиот.

– Анализите на Комисијата утврдиле дека поради непочитување на мерките, ќе има нови случаи на заразени, но и зголемен број хоспитализирани. Од таа причина Комисијата смета дека една ваква ригорозна мерка ќе има ефект. Владата на утрешната седница ќе треба да се произнесе по предлогот на Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести, стои во соопштението.

Филипче посочи дека се предлага полицискиот час да трае две недели, колку еден епидемиолошки циклус.

– Инциденцата најмногу е зголемена во Скопје, Кавадарци, Неготино, Прилеп и во Охрид. Тоа се реперкуира на начин што има зголемен прилив на пациенти во болниците. Во Кавадарци е целосно исполнето Инфективното и дополнителните одделенија и почна да работи и модуларната болница. Исто е во Прилеп, а ние гледаме тука во Скопје има секојдневно се поголем број случаи кои бараат хоспитализација и затоа во функција се врати модуларната болница до Инфективната клиника и повторно се спремни сега сите интерни клиники. Тоа го организиравме денеска во текот на утрото како што беше во ноември, посочи Филипче.

Ударот кон болниците во смисла на прилив на нови пациенти, потенцира министерот, не е така нагол, како што беше на почетокот на ноември и тоа е една значајна разлика без оглед на зголемувањето на инциденцата.

– Многу е тешко сега да се каже дали ќе продолжи тој тренд или ќе се достигне некое плато, односно дали бранот кој сега се јавува ќе биде идентичен на тој во ноември. Тука има поделени мислења на епидемиолозите. Но, ние мора да сме внимателни и спремни и во таа смисла препораката на Комисијата за заразни болести е да има ограничување на движењето после 22 часот поради тоа што сметаат дека има групирање после затворање на угостителските објекти без почитување на превентивните мерки на јавни површини, простори итн., додаде Филипче.

Тој рече дека освен предлогот за воведување полициски час засега нема да препорачаат други мерки, како што е одложување на пописот.

-Засега не, сакаме да го ублажиме овој тренд на зголемен прием на пациенти кон болниците, така што гледаме и нови мерки и други препораки будно ја следиме состојбата. Засега освен ова не препорачуваме ништо друго, рече Филипче.

Министерот истакна дека нема разлика на она што беше тренд претходно во однос на тежината на болеста Ковид-19 и околу тоа дали повеќе на удар од коронавирусот е помладата популација.

– Имаме заразени и во четвртата деценија, но и постари. Нема некоја значајна разлика, нагласи Филипче.

Според него, не може да се каже дека нешто е многу поразлично од тоа што беше пред неколку месеци заради присуството на британскиот вирус во овој бран.

На новинарско прашање дали размислуваат за полициски час, како и лани за време на Рамазанските пости, кои почнуваат во април, Филипче потенцира дека се уште е рано да се каже нешто околу ова.

Тој изјави дека ќе ги имаат предвид и сите други големи настани што се ризик и каде би можело да има масовни собири, па ќе одлучуваат.

Филипче, во однос на вакцинацијата посочи дека тимот кој ги евалуира упатствата за руската вакцина Спутник V  треба да излезе со дефинитевен став, кои лица ќе имаат предност за вакцинирање со оваа вакцина, додавајќи дека најверојатно тоа ќе бидат повозрасните лица и оти има размислувања за тоа каде да се почне со вакцинација.

– Сега има некои мислења и за тоа дали да се почне со старечките домови и со луѓето коишто се сместени таму или со дел од кадарот, така што дефинитивно денеска ќе знаеме, изјави министерот.

Втората доза од руските вакцините би дошле во земјата најдоцна за три недели, но интензивно се разговара за пристигнување и на поголемо количество од првично предвиденото.

– Тоа беше обврска преземена од страна на претставниците на руската компанија, но истовремено и денеска, веќе утрово интензивно разговаравме со претставници на Руската амбасада, коишто помагаат да стигне и поголема количина, истакна Филипче.

Повозрасните лица ќе бидат информираат преку матичните лекари за терминот и пунктот за вакцинација.

– Термините ќе останат исти. Единствена разлика е во делот на растворањето на вакцината, ако во една дијала кај Фајзеровата вакцина се вадеа шест дози, овде една дијала е за еден човек. Значи замрзнат е раствор само за еден граѓанин којшто може да ја прими вакцината. Но, денеска ќе биде тој распоред од страна на тимот, рече Филипче.

Во однос на вакцинирањето, министерот за здравство појасни дека матичните лекари ќе се користат како мост преку којшто се информираат граѓаните, а ќе добијат термин согласно расположливоста на вакцините.

– Затоа граѓаните се уште немаат добиено фидбек назад и тие коишто се пријавиле сами и тие чиишто податоци се генерирани од самиот систем од „Мој термин“, поради тоа што сега се прави овој распоред. Значи, сите ќе бидат соодветно информирани. Дури и таму кај што матичните лекари не аплицирале самиот систем може да ги генерира тие податоци. Ние тие податоци ги имаме, вели Филипче.

Медицинските лица кои досега ја примиле вакцината за коронавирусот од „Фајзер“, засега немале контраиндикации. Филипче вели дека она што може сега да го каже е дека освен покачена температура еден ден вечерта по вакцинацијата, еден или двајца здравствени работници имале и локална реакција на местото на вакцинацијата во смила на црвенило, блага болка и отекување на лимфните јазли на пазувата, Тоа било опишано во упатството како можен несакан ефект, а други значајни нуспојави нема.

Имено, вакцина против Ковид-19 заклучно со вчера ја примиле 3.546 здравствени работници.

– За вакцинација преку веб-страницата „vakcinacija.mk“ досега се пријавиле 75.900 граѓани, а 52.351 преку матичен лекар, посочија од Министерството и додадоа дека од вкупно пријавените 128 251 за вакцинација, 60.959 се на возраст над 70 години.

Во однос на болничките капацитети, Филипче изјави дека во Скопје како целина има сосем доволен број на слободни кревети во делот на интерните клиники, има простор и во болницата „8 Септември“ и може да се пренаменат едно или две одделенија со вкупно дополнителни 50-тина кревети.

Тој дополни дека во Скопје функционира системот на координација помеѓу директорите, претставници на Министерството и сите јавни здравствени установи, што, како што рече, значи дека ако во болницата „8 Септември“ секаде се исполнети капацитетите, можно е да се отворат уште едно или две одделенија, ако другите се преоптоварени.

– Така што, никаде во моментов не е прашање дека нешто е навистина критично. Секаде има простор и со оваа комуникација и прераспределба на пациентите тоа се решава, посочи Филипче.

Министерот нагласи дека единствено целосно е пополнето болничко одделение во Кавадарци, но и таму е отворена модуларна болница која речиси го удвои капацитетот на кревети.

Според последните информации на инфективните оддели во земјава се лекуваат 860 пациенти со Ковид-19 и има околу 370 празни болнички кревети во ковид – центрите.

Во моментов во земјава се активни 8863 случаи на заболени со Ковид-19. Досега во земјата се направени вкупно 544.816 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 107.479, бројката на оздравени пациенти е 95.410, а на починати е 3.206.

0 Коментари

Остави коментари