Владата чека да “легнат“ на сметка 500 милиони евра од Унгарија, бизнисот чека од владата да ги каже критерумите за делба на парите
Компаниите кои ќе аплицираат за дел од парите од унгарскиот кредит наменет за бизнисот, ќе имаат услов да го зголемат производството и да го зголемат бројот на вработени. Каматата по која ќе треба да се вратат парите е идентична на онаа по која државата се задолжи кај унгарската банка.
Планот е, владата да ги префрли парите на сметката на Македонската банка за обнова и развој во вид на позајмица, а потоа банката за развој во договор со комерцијалните банки од земјава ќе ги договараат дополнителните услови и трошоци кои ќе ги имаат компаниите заинтересирани за дел од колачот вреден 250 милионми евра. Властите имаат намера да ги наговорат приватните банки да се откажат од заработката, но досега тоа не било пракса.
„Фирмите ќе ги добијат истите услови кои ги доби државата, односно ќе имаме каматна стапка од 3,25 проценти грејс период од три години и 12 години рок на отплата. Тоа што е исто така многу важно е дека фирмите ќе треба да покажат раст на производството и на вработените, Односно ќе треба да вложат исто толку финансиски средства со што би се зголемило производството и би дошле до една бројка од вреаботени пет илјади луѓе.“ - Марија Митева портпарол на Владата.
Бизнисот пак, бара едноставни критериуми за користење на парите од кредитот. Новите технологии секако ќе придонесат за зголемено производство, но тоа нема по дифолт да значи и раст на бројот на вработени. Од ССК за ТВ 24 велат дека ги поздравуваат активностите на владата за поддршка на приватниот сектор, но апелираат доколку намерите се искрени условите треба да бидат минимални.
„Каматата е добра и одлична, таа е прифатлива. И едноставно другиот услов треба да биде само компанијата да ги врати средствата. Да нема некои комплицирани услови. Некоја компанија може да инвестира во технолошки понапредна линија која овозможува со помалку луѓе да се создава истиот производ или подолем производ.“ - Орце Симов потпретседател на ССК.
Од Стопанската комора на Северозападна Македонија велат дека ваквата мерка можеби не е најсоодветна, но е добар почеток за стабилизација на финансискиот пазар.
„Се уште не знаеме дали ќе има дополнително зголемување на стапката од страна на комерцијалните банки кои ќе го даваат сервисот за компаниите. Не треба да заборавиме дека домашните компании соработуваа со институциите во најтешките кризни периоди на нашата земја, а за возврат, беа пенализирани со Солидарен данок, кој е противуставен бидејќи беше ретроактивен. Сепак, реалниот сектор, односно самите бизниси, ќе ја даваат оценката на оваа мерка, со тоа колку ќе ги искористат овие средства.“ - Стопанска комора на Северозападна Македонија.
Од Бизнис конфедерацијата на Македонија пак велат дека освен кредити на стопанството му е потребана подобра бизнис климата, владеење на правото и предвидливи даночни стапки.
„Ако имаме 250 милиони евра помош за приватниот сектор а еден од условиуте е дека 50 отсто ќе треба приватните компании да инвестираат сами и 50 отсто од кредитот, Ние од старт ќе треба да имаме план за инвестиции од 500 милиони евра инвестиции. Не сум сигурен дека македонската економија е подготвена и има план или инвестициски активности од 500 милиони евра.“ - Миле Бошков Претседател на Бизнис конфедерацијата на Македонија.
Инаку, работодавачите изјавија дека многу повеќе очекувале во првите три ммесеци од работата на владата што се однесува посветеноста на економски план. Нивната оценка е едно големо ништо за првите 100 дена за водењето на економските политики.