Владата бара адвокатска куќа – Хеленик Петролеум бара отштета од 31 милиони евра

Владата не ги открива позициите со кои ќе настапи пред Хеленик Петролеум, откако од Атина стигна вест дека Грците повторно ја активираа тужбата пред Арбитражниот суд во Париз, со кој грчката компанија, сопственик на скопската рафинерија ОКТА бара оштета од околу 32 милиони евра. Иако тужбата беше поднесена во јануари, Владата допрва ќе бара адвокатска куќа која ќе ја брани државата во Париз. Министерот за економија тврди дека тоа е нормално зашто такви биле роковите и процедурите на Арбитражниот суд. Бектеши е воздржан од можното сценарио што може да и се случи на нашата земја и колку пари, овојпат, ќе треба да им платиме на соседите, имајќи предвид дека еднаш изгубивме ваков спор што не чинеше 40 милиони евра.

Нашите политичари тврдат дека Македонија и грчката нафтена компанија во изминатите месеци преговарале преку медијаторство на Енергетската заедница во Виена. Грците бараат активирање на нафтоводот од Солун, кој 80% е во сопственост на грчката компанија, а 20% на Македонија. Но борбата сега е дали за увоз на нафта ќе го користат сите или само ОКТА. Бектеши е воздржан. 

Грците по втор пат ја тужат земјата зашто не го испочитувала купопродажниот договор потпишан во 1999 година со кој беше обврзана да купува годишно 500 илјади тони мазут иако немаше потреба од тоа. Творец на овој договор со Грците беше поранешниот премиер Љубчо Георгивески, но ниту една власт по него не побара негова одговорност за овој крајно сомнителен договор за нашата земја. Македонија веќе еднаш изгуби тужба од Хеленик и плати штета од 40 милиони долари.