Влада: Во истрагата за трагедијата во Тетово ќе се вклучат четворица германски експерти
Двајца крим техничари за истражување на пожари и двајца за ласерско мерење на простории ќе бидат дел од германскиот тим на експерти кои ќе се вклучат во истрагата за пожарот во тетовската модуларна болница, во кој 14 лица загинаа, а 12 се повредени.
„Германските експерти ќе работат заедно со крим техничарите на МВР како поддршка на ОЈО при истрагата за утврдување на причините за пожарот во модуларната болница во Тетово.“ - изјави Душко Арсовски – Портпарол на Влада.
Она што веќе го истражува македонското обвинителство, меѓудругото е дали имало Елаборат за складирање на хемикалии и горива, како и генератори при прекин на струја, а ќе се чешла и Планот за електрична инсталација на модуларната болница.
Од обвинителството денеска не соопштуваат нови информации за истрагата. Велат дека во континуитет се одвива прибирањето на вербалните и материјални докази, за што обвинителството ќе ја известува јавноста, кога условите на постапката го дозволуваат тоа.
ТВ 24 праша дали Министерството за здравство може да тврди дека модуларните болници имаат функционален систем за заштита од пожари. Еве што одговорија од таму.
„Модуларните болници во ковид пандемијата се од суштинска важност за хоспитализација на пациенти. Овие помошни инфективни одделенија се менаџираат од страна на болниците и болниците се обврзани да обезбедат начин за непречено функционирање на истите.“ - велат од Министерство за здравство.
Дел од лекарите пак сметаат дека додека трае истрагата, модуларните болници за ковид пациентите треба привремено да се затворат.
„Доколку не се расчисти прашањето за безбедноста на тие болници ќе биде тешко да се убедат граѓаните дали тие се безбедни. Начинот на кој се врши истрагата дава надеж. Најбезбедно и најчесно е за да се премине ова е тие болници да се затворат привремено, а откако ќе се утврди дека се безбедни, повторно да се вратат во употреба. Не треба да бараме поинаков пристап, не постои начин за земја што нема доволно финансиски средства, да обезбеди квалитетна здравствена заштита во соодветни здравствени установи. Тоа и се случи и на Кина. Факторот време е многу битен. Модуларните болници треба да издржат пожар од 30 минути до 4 часа.“ - изјави д-р Злате Мехмедовиќ - лекар.
Министерството за здравство не планира времено затворање на модуларните болници. Од таму велат дека стотици пациенти во минатото, беа спасени токму благодарение на навремената хоспитализација во модуларните болници. Во моментов над 200 пациенти се лекуваат во овие објекти.

