Влада: Вчерашниот револт и изјавите на родителите на протестот во Кочани се непримерни и политички инструирани

Политички инструирани и непримерни биле изјавите на родителите на загинатите во дискотеката „Пулс“ од Кочани кои вчера повторно бараа правда, но и оставки од функционерите, смета владата. Од владата велат дека ја разбираат болката на родителите, но и дека жалат што некои политички структури имаат традиција на некрофилија.

„Во целост ја разбираме како Влада нивната болка, но од друга страна пак јас морам да кажам дека за жал слушнав и лични напади кои политички структури имаат за цел да ги искористат во некоја политичка позадина. Навистина жалам што некои политички структури имаат традиција на некрофилија“, рече портпаролката на Владата, Марија Митева на денешната прес-конференција во Владата. 

Аналитичарот Александар Кржалоски пак смета дека трагедијата во Кочани е рефлексија на руинираниот систем, според него корупцијата во последните три години е најголем проблем во државта која за жал доведе до голема трагедија.

„Буквално на секоја влада борбата против корупцијата и е една од 5 те приоритетни точки. И реално, од 20 години истражувања, до пред 3 години не беше најголем проблем, ама овие 3 години е најголем проблем. Корупцијата и како што рековте и Кочани го рефлектира тоа, бидејќи е очигледно е случај на, можеби не голема корупција, како што јас викам за коридорите, да платиме 15 милијарди за нешто што сме платиле 6 милијарди пред само 5 години, 6 милиони евра по километар, но е следствено на веројатно голем број мали коруптивни работи кои доведоа до голема трагедија, за жал. Она што гледаме дека владата го прави, вклучително и со тој случај е, да речеме, чекор во добра насока и со истрагата и со притворите и слично, меѓутоа треба да видиме како тоа ќе се заврши. “ - вели Алаксандар Кржаловски-директор на МЦМС.

И додека родителите бараат оставки од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, премиерот Христијан Мицкоски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски поради селективната истрага. Владата денеска најави дека планира одморалиштето Пониква,да го стави на располагање на Министерството за здравство, со цел да се користи како објект за продолжена медицинска нега и рехабилитација на лицата повредени во пожарот во Кочани. Пациентите ќе бидат распределени во неколку групи и циклуси на терапија, се со цел да се овозможи персонализиран пристап кон секој поединечен случај, во согласност со препораките на лекарите.