Влада: Постигнат е договор со банките за унгарскиот кредит

Ниту Владата, ниту банкарската асоцијација не сакаат да откријат кои банки се согласиле да пласираат унгарски кредит до фирмите. И од едната од другата страна го потенцираат воодушевувањето и задоволството од условите кои ги договориле.

Од Владата денеска и официјално потврдија дека паднал договор со банките. Ново е дека кредитите ќе се плаќаат квартално, а каматата од 1,95 проценти е без надомест за одобрување и управување. Но, освен десетици пати споменатите услови под кои фирмите ќе може да добијат кредит, Владата одби да даде список кои се банките кои ќе ги пласираат овие кредити.

И од Македонската банкарска асоцијација нема конкретен список. Ицијативатата била од големо значење за економскиот развој и унапредувањето на бизнис-секторот. Располагале со неофицијални информации дека најголемиот број банки ќе се вклучат во кредитната линија.

- Во овој момент не би можеле да прецизираме која банка ќе се вклучи во проектот. Конечните информации ќе ги имаме кога ќе знаеме дека Управниот или Надзорниот одбор на секоја банка ги разгледала и одобрила условите за соработка, по што ќе се потпише договор со Развојната банка, која очекуваме дејствува како агент за оваа конкретна кредитна линија. Како резултат на горенаведеното, точната листа на банки кои ќе учествуваат, ќе биде финализирана и објавена откако ќе се склучат договорите со Развојната банка на Република Северна Македонија.

И додека се чекаат бирократските процедури до пласирање на парите до фирмите и општините, унгарскиот половина милијарда евра заем повеќе од еден месец лежи на буџетска сметка. Исто толку време тече и обврската за каматата од 3,25 отсто која земјава ќе ја плаќа кон Унгарија.