Влада: Од утре до недела ќе важат посебни мерки за превенирање на последиците од топлотниот бран

Температури над 40 степени и УВ индекс 10, од утре земјава влегува во портокалова фаза. Топлотниот бран според прогнозата на УХМР ќе трае до недела.

Владата го вклучува алармот од опасност од високите температури. Препорачува бремените жени и лицата над 60 години да бидат ослободени од работа.

Детските градинки да го организираат работното време од 07.00 до 17.00 часот, а децата да не се изнесуваат на отворено по 11.00 часот. Мерките ќе важат од 13 до 16 јули, а доколку има потреба ќе бидат и продолжени.

Државните органи и јавните претпријатија и установи да ги почитуваат препораките. Сите правни субјекти кои вршат активности на отворено, да ги запрат активностите во периодот од 11:00 до 17:00 часот, а ова особено се однесува на работата на градежните работници.“ - велат од Владата.

Високите температури носат сериозен ризик од топлотни удари и сончаница. Лекарите со препораки како да се препознаат и да се спречат.

„Сончаницата поради долгата издолженост на сонце носи главоболка а кај сончаница имаме покачување на температурата на телото и ни е потребно оладување и да не биде нагло. во такви ситуации треба да се јават на 194 и нашата екипа ќе постапи или со совет или со интервенција.“ - вели д-р Милица Бубало од Службата за итна медицинска помош.

Топлотен бран и во делови од Европа. Предупредувања се издадени на Медитеранот. Во јужните делови од Шпанија се очекуваат температури од 44 степени, а 45 степени во Италија. Во Италија веќе е регистрирана првата жртва – 44 годишен работник кој работел на автопат починал од топлотен удар.

Топлотниот бран нема да ја заобиколи ниту Грција, каде што во наредните денови се очекуваат 44 степени. Лекарите со посебен апел за оние кои одмораат на плажа.

„Најбитно нешто е покривање на главата, затоа се тие шапки марами, чадори па дури и во вода ако сте главата треба да биде заштитена затоа што главата е најмногу изложена на штетните зраци, а вакво сонце може да биде штетно и за кожата и затоа се потребни креми со висока УВ заштита.“ - вели Бубало.

Според статистиките на СЗО лани во Европа регистрирани се 15.000 смртни слуачи како резултат на топлотните бранови.