Влада: Министерството за здравство треба да има поинтензивни активности за новата штипска клиничка болница

Изградбата на новиот Клинички центар во Штип заглави. По 7 години откако беше уред камен темелникот, жителите од источниот регион сè уште чекаат да се изгради.

Од Владата велат дека активностите на Министерството за здравство треба да бидат понитензивни за да се изнајде решение за изградбата на новата штипска болница, од каде посочуваат дека за решавање на овој проблем е разговарано и на седница на Влада, бидејќи секое одложување не го олеснува, туку го усложнува проблемот заради растот на цените на градежните материјали.

- Зградата стои и веројатно после толку години ќе треба да се изработи и ревидиран проект, бидејќи самата опрема која била пред седум години планирана, денес таква опрема сигурно и по габарит е помала, а и по функционалност и затоа, тоа треба да биде направено. Меѓутоа причините се што во тоа време бил избран изведувач, кој што заради најразлични причини, а сите ги знаеме причините, не е во можност да функционира, ниту постои, а потоа и низ судските лавиринти доаѓа до некакво порамнување и сега имаме некоја појасна слика со кого треба да се преговара и да се продолжи. - велат од Влада на РСМ.

Откако во 2016-тата беа ставени темелите и според тогашните најави, со работа Болницата требаше да започне во март 2018, но денес градежните работи на терен се реализирани само околу 40%.

Инаку, изградбата на новиот објект ќе овозможи современи услови за здравствена заштита за над 200.000 жители од Штип и целиот Источен регион, кои ќе имаат директен бенефит од истата, бидејќи условите во сегашниот објект на Клиничката болница одамна бараат итно реновирање, но, се чекаше изградбата на новата болница, која требаше да биде завршена, според последниот рок, до крајот на минатата година.