Влада: Македонија има доволно количини на масло за јадење
Македонија, никогаш немала недостиг на масло за јадење, мерките за забрана на извозот беа за дополнително да се осигура домашниот пазар. Сега тој е стабилен, тековното производство е редовно, па затоа се укина забраната за негов извоз.
Така денеска од Владата ја правдаа вчерашната одлука со која се дозволи домашните производители да можат да продаваат зејтин во земјите од регионот.
Вчера и од најголемиот производител на масло за јадење во државата „Брилијант“, за ТВ 24 рекоа дека нема да има нарушување на домашниот пазар, нема проблем со набавка на сурово масло што сега се увезува од Бугарија, Унгарија и Украина. И претходно владините министри недостигот на масло за јадење во маркетите го објаснуваа, не со празни магацини туку со трупањето на залихи од страна на граѓаните.
Во дел од маркетите се уште стои препораката за ограничување на количините на зејтин што може да се купат. Цените се рекордни, а можно е и уште да растат. Статистика измери дека од март до април зејтинот поскапел за 20 %.