Визбегово на протест против деца сместени во мал дом за згрижување

Зошто соседите не не сакаат, зошто сакаат да си заминеме – со овие неодговорени прашања останаа тројата тинејџери кои денеска беа приморани да го напуштат домот во Визбегово, каде се згрижени. Беа изнесени за да не се предизвиика проблем откако жители на Визбегово најавија протести против отворањето на овој мал дом за деца од социјален ризик. Се лутат бидејќи не биле консултирани од страна на реосрното министерство за одлуката ваков дом да биде отворен во нивното соседство. Тврдат дека не протестираат против децата туку поради несоодветниот избор на објектот за ваква намена и против неорганизираноста за ресоцијализација на децата.

„Ова не е протест против овие малолетни деца кои не по своја вина се тука туку против некоректната, несоодветна, нетранспарентна па дури и опасна одлука на Министерството за труд и социјала и УНИЦЕФ“. - Жител на Визбегово.

„Нашата скепса се сведува на можноста да дојде до несакани конфликти меѓу младите лица од објектот и од училштата. Нејасно е како младите лица со нарушно поведение во доцните часови имале слобода да шетаат по околните села и да бараат цигари. Тоа говори дека надлежните немаат ниакква контрола над штитениците иако треба да бидат под 24 часовен надзор на нивните воспитувачи“. - Катерина Тодороска - Жител на Визбегово.

Во барањето за затворање на домот што го испратиле до министерството за труд и социјала дури велат и дека биле животно засегнати од тинејџерите кои престојуваат таму. А дополнително се вели дека се плашат за нивната безбедност, но и дека овие деца ќе влијаеле негативно на нивните.

„Не може овде да напредуваат и да градат иднина, затоа што не постои никаков соодветен начин за да напредуваат. Немаат комуникација меѓу себе прво тука а камо ли нешто друго“. - Жител на Визбегово.

Малиот групен дом, кој беше отворен пред неполни два месеци е дом за три деца на возраст од 12 до 14 години. Тука се едуцираат, се воспитуваат,а со нив секојдневно работат стручни лица. На ваков начин државата сака да ги реинтегрира и ресоцијализира. Но наместо да бидат прифатени, децата постојано наидуваат на отфрлање од страна на општеството, велат луѓето кои работат со нив.

„Имаме проблем со нашите предрасуди и имаме проблем не само со отровниот воздух туку и со отровот што излегува од нас. И ова за мене е многу тажен ден, затоа децата ги дислоциравме за да не се соочат со уште еден бран на омраза и гнев. И првиот ден кога го отворивме центарот ги поканивме и не влегоа тука, не ја прифатија поканата". - Владимир Карајев – Вработен во малиот групен дом Визбегово.

Слична ситуација имаше неодамна во неготинското село Тимјаник каде жителите протестираа против групен дом со 4 малолетни деца. Тимјаник денеска функционира најнормално и никој нема проблем со децата. Ќе биде ли слично и во Визбегово?

„Овој говор на омраза кој што денеска беше упатен кон децата кои што на било каков начин не го заслужуваат тоа, емоционалната тортура која што е упатена кон нив и сакаме да ја превенираме го направивме со дислокација на децата утрово во средина која што ги прифаќа тие деца и нема потреба да ги дискриминира, но децата кога го напуштија домот ни постација прашње зошто соседите не не сакаат, зошто не не почитуваат? Што им направивме на нив? На ова прашање немаме одговор“. - Виолета Масевска Палиќ Директорка на Мал групен дом Визбегово.

Обидот на државата за реинтеграција на децата преку малите групни домови, уште еднаш го отвора прашањето за предрасудите и дискриминацијата во општеството.