Висок претставник на ЕУ: Приоритет е преговорите со Северна Македонија и Албанија да почнат без одлагање

Пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија треба да започнат без одлагање – ова е апсолутен врвен приоритет. Работата продолжува кон изнаоѓање заемно прифатливо решение за преостанатите билатерални прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија со чувство на екстремна итност, изјави висок претставник на ЕУ по завршувањето на Самитот на ЕУ за Западен Балкан.

Тој информираше дека на денешната средба на лидерите на Европската Унија и земјите од Западниот Балкан во Брисел, што траеше околу четири часа, се дискутираше за актуелната геостратешка ситуација и начините за понатамошно зајакнување на односите помеѓу ЕУ и државите од регионот.

На средбата, како што јави дописничката на МИА од Брисел, јасно и недвосмислено била повторена европската перспектива на Западниот Балкан и иднината на регионот во Унијата.

 

- Поради војната во Украина проширувањето на ЕУ се најде на важна позиција, изјави високиот претставник на ЕУ.

Прво, како што појасни тој, тоа значи унапредување со процесот на пристапување, со продолжување со реформите, особено оние поврзани со владеењето на правото, реформите во правосудството и борбата против корупцијата.

Второ, според него, процесот на интеграција треба да се зајакне, односно да се понудат конкретни социо-економски придобивки за партнерите од Западен Балкан веќе за време на пристапните преговори, постепено да се интегрираат во работата на ЕУ, бидејќи тие го спроведуваат правото на ЕУ во секој сектор, со завршување на визната либерализација за регионот.

 

 

Трето, нагласува, итно е да се постигне напредок во билатералните и регионалните спорови, меѓу другото и нормализирање на односите меѓу Косово и Србија, преку дијалогот Белград-Приштина и политичкиот договор на лидерите на Босна и Херцеговина од пред неколку недели во Брисел да и помогне на земјата да напредува на патот кон ЕУ и кон кандидатскиот статус.