Вишото обвинителство бара да продолжи постапката против вицепремиерот Стоилковиќ
Вишото обвинителство го задолжи ОЈО да ја продолжи постапката против вицепремиерот и министер за односи со заедниците – Иван Стоилковиќ за негирање и исмејување со жртвите од геноцидот во Сребреница, Босна и Херцеговина. Кривичната пријава против Стоилковиќ ја поднесе Бошњачкиот национален совет (БНС) откако тој го нарече геноцидот во Сребреница „некрофилски Дизниленд„ а од ОЈО ја отфрлија пријавата нарекувајќи ја изјавата „слобода на изразување во политика„.
Бошњачки демократски сојуз и Бошњачки национален совет: Овој момент во процесот на барањето правда за жртвите од геноцидот во Сребреница, инаку, признаен и потврден од Меѓународниот суд на правдата, буди надеж кај граѓаните дека правдата ќе биде задоволена, а со утврдување вина кај тужениот, ќе испрати порака дека негирањето и исмејувањето со геноцидот во Сребреница, како и со било кое друго злосторство против човештвото, претставува говор на омраза и нема да помине неказнето.
Стоилковиќ не сака да ја коментира одлуката на Вишото обвинителство ниту пак дали смета дека неговата изјава ги повредила националните чувства на бошњаците.
Иван Стоилковиќ Вицепремиер: Се што имав да кажам, го кажав во Обвинителството. Оставам институциите да постапуваат.
Пред ОЈО да ја отфрли кривичната пријава од БНС против Стоилковиќ најпрвин го преквалификува делото од одобрување или оправдување на геноцид, злосторства против човечноста или воени злосторства во ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем.

