Виолинистката Ванеса Меј ќе го отвори „Охридско лето" на 12 јули
Foto

Виолинистката Ванеса Меј ќе го отвори „Охридско лето" на 12 јули

Светски славната виолинистка Ванеса Меј ќе го отвори 59 - тото издание на реномираниот фестивал Охридско лето на 12 јули на Античкиот театар во Охрид. 

Директорката и двајцата селектори најавија богата фестивалска програма и гостување на еминентни уметници од 12 јули до 20 август. И оваа година ќе има Полска вечер, Италијанска вечер, Вечер на Финска која е претседавач на ЕУ, Украинска вечер и други. Затворањето на музичкиот дел на 19-ти август ќе биде во знакот на  jубилејот, 85 години од  раѓањето на македонскиот композитор, Томислав Зографски, на кој ќе настапат учесници на македонски уметници, докажани и етаблирани во својата професија велат организаторите.

„Мене ми припаѓа честа да го најавам годинешното спектакуларно отворање со мега популарната виолинистка, светски славната Британка Ванеса Меј.  На 12 јули на Античкиот театар ќе имаме една незаборавна вечер со уметничка која го носи епитетот светско чудо. Убедена сум дека заедно со оркестарот на Македонската филхармонија и вокалните солисти од Македонската опера и балет ќе направат спектакуларен концерт.Охридско лето веќе ги финализира и  организациско -техничките  работи за подготовка на фестивалските сцени. „Долни Сарај“, една од најубавите и најрепрезентативни сцени во Охрид доби нов функционален и модерен изглед со реконструкцијата што се правеше изминатиов период. Сцената претпрпе комплетна и темелна санација со нивелирање и зголемување на површината за 10 проценти, како и вградување полиуретански под за подобрување на перформансот но и заштита од атмосферски влијанија. Извршена е и комплетна санација на гледалиштето со што капацитетот наменет за публиката се зголеми за околу 40 отсто. Комплетно санирана е и терасата на „Долни Сарај“ која лежи над самото Охридско Езеро. Неколкукратно е зголемен и капицитетот на електричната моќност со што на овој простор  ќе може да се поставуваат настани со најсовремени технички побарувања. Имајќи предвид дека Охридско лето во голема мера влијае врз подобрување на квалитетот на туристичката понуда, но и врз бројот на туристи преку бројните  гости кои пристигнуваат во Охрид, токму поради квалитетот на фестивалската  програма која се нуди од 12 јули до 20 август, од оваа година започнуваме со новини за збогатување на културната понуда  со воведување туристички водич за уметниците. На тој начин ќе го промовираме културното наследство преку презентација на историските знаменитости на градот“ - вели директорката на „Охридско лето”, Наташа Поповиќ.

„На претстојното издание на „Охридско лето“ ќе имаме учесници –уметници од Италија, Австрија, Русија,  Бугарија, Германија, Чешка, Словенија, Албанија, Норвешка, Хрватска, Франција, Србија, Косово, Финска и други земји.На оваа прес-конференција би ги издвоил: еден од најпознатите виолончелисти на светската сцена, Русинот Денис Шаповалов, неповторливата сопранистка Инва Мула од Албанија која ќе настапи заедно со  македонскиот тенор Ѓорѓи Цуцковски и сопранот Дешира Крлиу, тука е пијано-дуото Гелебешеви, познатиот српски виолинист Стефан Миленковиќ, ансамблот Дорицо од Италија, гудачкиот квартет Асасело од Германија, како и Камерниот оркестар од Државната филхармонија од Бријанск , Русија. Посебно уметничко доживување за публиката ќе приредат извонредните словенечки уметници, виолончелистот Клемен Хвала и кларинетистот Дарко Брлек. Годинава во обемната програма со врвни уметници на „Охридско лето“ ја има и албанската флејтистка Јонела Големи. Публиката ќе ужива и во  звуците на пијаното што ќе ги приреди светски познатата уметница Виолета Егорова од Русија, а концерт на фестивалот ќе одржи и  нејзиниот колега и сонародник, пијанистот Александер Гаџиев.Музичката младина на Македонија и оваа година  ќе има учество на 59-тото фестивалско издание Посебен предизвик e изборот на концертот што ќе се одржи на 4-ти август по повод роденденот на фестивалот „Охридско лето“. Оваа година на роденденскиот настан ги имаме уметниците Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ, виртуози на своите инструменти.Македонската опера и балет ќе настапи со гала-оперски концерт,под диригентската палка на маестра Бисера Чадловска" - рече Васко Ристов, музички селектор.

„Пред да почнам да зборувам за програмата, би сакал само да кажам, дека ќе се обидеме, и тоа ми е некаква најголема желба на некој начин, ова Охридско лето да му го посветам на човекот којшто е заслужен за генерации и генерации театарски уметници, Горан Стефановски. За него Охридско лето беше нешто посебно, Охрид беше нешто посебно, и мислам дека треба да најдиме начин, и сеуште барам вистински начин, како да му се одолжиме и како да оставиме поголем печат за она што тој го правеше за сите нас. Оваа година носиме претстави од Словенија, Хрватска, има претстави од Македонија, се разбира, од Казахстан од Турција, од Португалија и од Србија. Шарена програма,  минатата година можев да видам кои сѐ тоа претстави, кој тип  претстави се интересни за нашиот фестивал. Во оваа фаза само би ги најавил отворањето и затворањето. Отворањето ќе биде со претставата „Самрак на Боговите“ според оној филм на Висконти, кои сите добро го познаваме. Доаѓаат СНГ  Драма Марибор, претстава којашто веќе гостува на неколку фестивали, и којашто на фестивалот во Ниш ги освои сите награди. Затварањето е со Народниот Театар од Белград, со преставата „Иванов“ од Антон Павлович Чехов каде што ќе можеме да го видиме во главна улога нашиот Никола Ристановски“ – рече драмскиот селектор Александар Поповски.

0 Коментари

Остави коментари